Националниот сојуз на слепите на Република Македонија во рамки на одбележувањето на 15 октомври 2018 година-Меѓународниот ден на Белиот стап, симболот на слепиот човек-признат од ОН, организира тркалезна маса на тема „Предизвик на слепилото во 21. век во Македонија, очекувања и реалност“.
Од Сојузот бараат државата и општеството да се залагаат за укинување на сите облици на дискриминација кон слепите лица во сите општествени сфери на животот како достапност на физичкото опкружување, приспособеност на јавниот превоз на патници, слобода на изразување преку достапноста на јавните информации и комуникации во формати коис е пристапни на слепите лица како Брајова(Релјефна) техника и Звучна техника на аудио касета или аудио цд.
Од Сојузот сметаат дека е потребна и соодветна примена на новите интернет технологии, пристап до образование и едукација под подеднакви услови на децата и младинците, вработување, егзистенција од приходите, социјална сигурност и независност, семеен живот и интегритет, култура, рекреација и спорт, религија се со една цел подобри услови за сестран и самостоен живот.
– Апелираме дека општествената изолација со која секојдневно се соочуваме ние, слепите лица, во ниедно случај не може да се оправда со нашата инвалидност токму заради тоа што слепилото е состојба, а не болест. Ние слепите лица како лица со најтешката инвалидност сме подготвени да помогнеме и заедно да ја надминеме општествената обесправеност, посочуваат од Сојузот.
Оттаму укажуваат и дека треба да се направат посебни тактилни патеки или тротоари со посебни коцки означени за движење на слепите лица, бидејќи на овој начин им се олеснува движењето на слепите лица и тоа се прави безбедно.
– Апелираме за посамостојно и побезбедно движење на слепите лица да се постават звучни семафори низ целата држава и да добиеме град-метропола Скопје со сите озвучени семафори како и озвучување на семафорите во внатрешноста на државата како што е тоа случајот со сите европски метрополи. Апелираме за пристапност на сите јавни објекти, институции на системот и организации како би се избегнала затвореноста на слепите лица во своите домови и како истите би се охрабриле и би излегле самостојно да се вклучат во општествениот живот, се посочува во соопштението од НССРМ.
Се бара и поголема заштита и унапредуавње на компензациските права на слепите лица меѓу кои и правото на повисок надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок до вработуавње на невработеното оспособено и рехабилитирано слепо лице, правото на набавка на автомобил без царински давачки и данок на додадена вредност, правото на помагала да биде уредено со закон и истите да се набавуваат постојано, право на личен асистент, изградба на Национален центар за рехабилитација на слепи лица, изградба на Дом за стари и изнемоштени слепи лица…
Потребно е, велат од Сојузот, и школување на кадри перипатолози-односно инструктори за слободно и самостојно движење на слепите лица, а менијата во рестораните, кафебаровите и слично да бдиат испишани на Брајово писмо, како и употреба на истото на сите лекарства, при склучување на договори со физички и правни лица, банки, осигурителни друштва, брокерски друштва, телекомуникациски оператори и слично.