Бараме од институциите да побрзаат со постапките против осомничените за трагедијата, нашите починати чеда заслужуваат правда и не сакаме ова да биде уште една трагедија што ќе остане заглавена во административните архиви, порачаа родителите на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ на денешниот „Марш за ангелите“ во Кочани.
Колоната на единаесеттиот протестен марш, што почна во 18 часот и 5 минути, ја мина вообичаената маршрута од Паркот на Револуцијата, низ Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани. Со свирежи и гласни извици пред Полициската станица и пред Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани, родителите го искажаа незадоволството од текот на постапката.
-Одговорните во институциите да ја сфатат нашата неизмерна загуба со која живееме секој ден и да постапат побрзо. Сите докази веќе им се во рацете, снимките, нашите сведоштва, сѐ што видовме со свои очи таа кобна вечер. Зошто сѐ уште нема одговорност, до кога ќе чекаме одговор од ОЈО ГОК? Тие имаат толку многу докази од сведоци, од нас директно како сведоци и од камерите за видеонадзор. Тоа се докази кои водат до одговорност на Министерството за внатрешни работи и на институциите кои требаше да се грижат за јавниот ред и мир и за безбедноста. Нашите ангели заслужуваат правда сите, а ние ја заслужуваме вистината, затоа ве молиме побрзајте со постапките, слушнете ја нашата болка за ова да не остане уште една трагедија затворена во архивите на неправдата, истакнаа родителите на собирот пред Јавното обвинителство.
Побараа одговорност од полицијата и од обезбедувањето во „Пулс“ кои, како што рекоа, не реагирале навреме, но и одговорност поради, според нив, недоволната подготвеност на противпожарните екипи и несоодветната опременост и недоволниот персонал во болницата во Кочани.
Како одговор на обвинувањата на социјалните мрежи родителите рекоа дека нивните реакции не се под влијание на ниту една политичка партија, со забелешка дека никој од лидерите на партиите од власта и од опозицијата досега не дошол за да им изрази сочувство.
Родителите на починатите ги отфрлија и обвинувањата дека тие се одговорни за трагедијата со тоа што им дозволиле на децата да одат во „Пулс“.