Во Кочани денеска се одржа уште еден „Марш за ангелите“, организиран од родителите на децата кои трагично ги загубија своите животи во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Маршот почна во 14:05 часот, а колоната тргна од паркот на револуцијата, помина низ центарот на градот, продолжи покрај Управата за јавни приходи, полициската станица и заврши пред основниот суд, каде родителите ги повторија своите барања за правда, одговорност и целосно расветлување на случајот.
Маршот се одржа во моменти кога судењето за несреќата веќе е во тек.
Родителите порачаа дека нема да запрат со протестите сè додека, како што велат, институциите не обезбедат вистинска правда.
„Ние не бараме одмазда ниту крв, ние бараме само едно а тоа е – правда“ порачаа.
Не сакаат судницата да се претвори во „Струшки вечери на поезијата“.
„Нема да дозволиме лагата да стане официјална вистина. Овој протестен марш е гласот на оние што не можат да зборуваат. Овој марш е чекор на мајки и татковци со скршени срца. Овој марш е крик за правда што ќе одекнува сè додека не се слушне. И затоа денес, пред јавноста, пред судот и пред институциите, порачуваме. Не се откажуваме. Нема да молчиме. Ќе бидеме тука на секое рочиште. Ќе маршираме на секој протест. Ќе бараме одговорност сè додека правдата не победи. За нашите деца. За нивните згаснати животи. За иднината на сите деца во оваа држава. Вистината мора да излезе на виделина. Правда мора да има. Виновните мора да одговараат“ – рече Александар Наунов, татко на загинато девојче во несреќата во „Пулс“.
Следното рочиште е закажано за 10 декември, а ден претходно, на 9-ти декември треба да се одржи Анкетната комисија во Собранието, на која всушност треба да бидат лоцирани системските пропусти кои довеле до тоа да се случи трагедијата.
