Македонскиот и српскиот поглавар и свештеници од Бугарската и Романската црква отслужија Света божествена литургија во Крива Паланка
Во чест на денешниот празник свети Јоаким Осоговски, во манастирот кај Крива Паланка и денеска се слеа река верници што доаѓаат да се поклонат на моштите на светителот. Во чест на празникот заедничка света архиерејска литургија служеа српскиот патријарх г.г.Порфириј и Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.
– Од овој храм каде со векови се упатуваат молитви кон Христа за спасение на светот, за мир и единство во христовата црква, да го негуваме она што е најважно за секој верник, народ и поединец, а тоа е молитвата. Оној што се противи на заедништото, на светлината и единството, кажано е, се победува со молитва и пост. Тоа треба не само да го знаеме, туку и да го применуваме во животот. За тоа подобро место нема отколку ова свето место кај Свети Јоаким Осоговски каде со векови се упатуваат молитви. Молитвите кон Христа се најсилното оружје кое не спојува со Бог, кое милува и ги милува и другите кои ни се противат, оние кои се сметаат за нашти непријатели, бидеќи ние сите сме соединети во Христовата љубов и сме сите пријатели, порача во обраќањето до бројните верници српскиот патријарх г.г.Порфириј.
Треба, рече, да имаме доволно верба и молитва за сите кои ја немаат, да бидеме свети и светла и во рамки на семејството, и во рамки на еден народ и понатаму, меѓу народите, зашто тоа е црквата Христова, почнувајќи од подвижниците Јоаким Осоговски и другите, се до денес, и да ги учиме своите деца дека да се биде едно со Христа значи да се биде едно со целиот свет.
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г.Стефан кажа дека обединувачката сила на Севишниот е голема, како и на подвижниците, светите Јоаким Осоговски, Јован Рилски и Гаврил Лесновски, како што светиот Јоаким денеска ги обедини верниците од повеќе држави.
-Денешниот собир е пример дека во црквата нема разлика меѓу народите зашто ист е Господ над сите, а покрај нас, домаќините сослужуваа свештеници до три помесни цркви, а голема чест ни е што ссслужуваше неговата светост, г.г. Порфириј. Освен архиереите ни сослужува и свештенослужителот од Романската православна црква, а празничната радост ја сподели и г.Јаков митрополит од сестринската Бугарска црква. Сите ние возљубени заедно со вас му благодариме на Бога да бидеме христови по име, мисла и дела, обиувајќи се да растеме во богољубието и човекољубието, редовно учествувајќи во верскиот живот на црквата, рече г.г. Стефан.
По богослужбата во дворот на црквата се одржа и водосвет, а илјадници верници во текот на целиот ден се очекува да продолжат да доаѓаат во манастирот и да му се молат на светителот-закрилник на градот Крива Паланка.