Дванаесет студенти преку проектот „Патуваме низ Европа“ што се реализира преку граѓанската асоцијација „МОСТ“ од 29 јули ќе патуваат низ Европа за да се запознаат со нивните демократски вредности, народи и култури.
Во текот на еден месец, покрај запознавањето со туѓите култури и народи, македонските студенти ќе ги презентираат и вредностите на Македонија.
Студентите се избрани на јавен конкурс, селектирани според просечната оценка во текот на студирањето, редовност во студирањето и познавањето на странски јазици.
Патувањето ќе почне во Берлин, каде три дена студентите ќе имаат можност да се дружат со своите врсници од регионот.
На студентите им е обезбедена интер раил карта за неограничено патување со воз, патничко осигурување, студентска картичка и финансиски средства на платежна картичка. Доделени им се брошури за промоција на Македонија, донирани од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и брошури за Скопје обезбедени преку Туристичкото биро на Град Скопје.
Проектот се реализира во соработка со „Тутунска Банка“, „Еуролинк Осигурување“, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и „Аурора Турс“.
Целта на проектот е студенти од Македонија, преку патување и посети директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Ова е седма генерација студенти кои имаат можност да патуваат низ Европа, а во изминатите години повеќе од 100 македонски студенти беа дел од проектот.
„Патуваме во Европа“ е регионален проект во рамки на кој студенти од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, патуваат и се запознаат со функционирањето на системите во другите држави, а во исто време ги претстават сопствените земји.