Македонката Лора Тодорчевска, студент на додипломски студии на Факултетот за хемиска и прехранбена технологија на Технолошки Универзитет во Братислава, Словачка, освои прво место на натпревар по англиски јазик во стручна област на тема „Употребата на ДНК во разрешување на криминални случаи“.
Првото место Тодорчевска го освои во конкуренција на 18 натпреварувачи од факултетот.
Словачката амбасада во Македонија веќе неколку години доделува стипендии за македонски ученици, кои добиваат можност за студирање на универзитетите во Словачка. Лора Тодорчевска е стипендист на Словачката амбасада од 2012/2013 година.
Средствата за студирање се обезбедени од Владата на Република Словачка, врз основа на воспоставената билатерална соработка во областа на образованието и науката.
Министерството за образование и наука денеска соопшти дека во тек е конкурсот за државјаните на Република Македонија за академската 2014/2015 година за десет стипендии за подготвителен курс по словачки јазик на Универзитетот Комениус во Братислава.