Жените во Македонија се помалубројни и просечно постари од мажите, но живеат подолго од нив 4,3 години.
Учеството на жените во вкупното население е 49,9, а на мажите 50,1 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната возраст на жените изнесува 38,3 години, додека на мажите 36,7. Жените живеат 4,3 години подолго или во просек 77 години, а мажите 72,7 години.
Учеството на жените во младото население од 0 до 14 години е 16,8 отсто, а на жените од 65 и повеќе години изнесува 13,1 отсто.
Во структурата според пол, кај живородените деца женските имаат помало учество, 48,4 отсто, на 100 живородени женски деца 106,7 се машки.
Според возраста на мајката, најголемо учество, 35,3 проценти, се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 28 години, а 26,2 години на првите раѓања.
Во 2011 година се регистрирани 23 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.
Според тоталната стапка на фертилитет (ТФР) во 2011 година која изнесува 1,5 живородени деца на една жена, жените во Македонија се почесто се одлучуваат да раѓаат по 1 или 2 деца.
Просечната возраст при склучување прв брак е 25,4 години за невестата и 28,3 години за младоженецот. Во 2011 година, најголем број на разводи, 342 или 19,5 отсто, се случени кај жените на возраст од 30-34 години.
Од вкупно 19.465 умрени лица во 2011 година, поголемо учество, 52,4 проценти, се машки, а 47,6 отсто се женски. Просечната возраст кај умрените од женски пол изнесува 74,4 години, односно 69,9 години години кај лицата од машки пол. Во вкупниот број на доселени лица од други држави, 2.096, жените учествуваат со 51,4 отсто, додека во вкупниот број отселени лица во други држави, 1.290, учеството на жените е 38,8 отсто.
Од вкупната работна сила 39,4 проценти се жени, додека од нив 23,4 отсто се со високо образование. Од вкупниот број вработени жени, 24,6 отсто се со високо образование. Од работната сила, 38,6 проценти од жените се невработени.
Статистиката покажува дека речиси две третини од неактивното население се жени. Учеството на наставничките во основното образование се зголемува и во 2011 година, 66,1 отсто од наставниот кадар во основното образование. Учеството на жените наставници во средното образование е 58,6 отсто, додека во високото образование 47,2 процента.
Бројот на дипломирани студенти жени во 2011 година изнесува 56,7 отсто од вкупниот број дипломирани државјани на Република Македонија. Исто така, и бројот на жените кои магистрирале и докторирале е повисок во однос на мажите.