Македонија на Самит на НАТО како полноправна членка

Од:

Во Брисел денеска се одржува Самит на НАТО, на кој Северна Македонија ќе ја претставува премиерот Зоран Заев. Ова е прва средба на шефовите на држави или влади на членките на Алијансата на која Северна Македонија учествува како полноправна членка на НАТО.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, лидерите на 30-те земји членки ќе разговараат за иднината на Алијансата и нејзините предизвици.

Целта на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг е лидерите да се усогласат за „амбициозна“ агенда за 2030-та година во однос на безбедноста и одбраната. Тој на лидерите ќе им претстави низа предлози, вклучително и зајакнување на политичката димензија на Алијансата, како и засилување на колективната одбрана и отпорноста на земјите членки во однос на инфраструктурата.

Сајбер безбедноста, климатските промени и секако зголемувањето на буџетските стапки на земјите членки за одбраната, ќе бидат меѓу најважните теми на дискусија. Односите со Русија и Кина исто така ќе бидат меѓу клучните теми за разговор, посебно како НАТО да се постави во однос на подемот на овие две светски сили.

Столтенберг го поздрави фактот што од 2014-та, земјите членки на Алијансата постојано го зголемуваат буџетот за одбраната, а до 2024-та сите 30 земји се заложија да постигнат два отсто од бруто домашниот производ наменет за воени цели.

– Сите предизвици бараат постојано зголемување на инвестициите во одбраната. Последните седум години по ред се зголемени расходите за одбраната, додадени се 260 милијарди долари од 2014, но треба да инвестираме уште повеќе за да ја постигнеме нашата висока амбиција, рече шефот на Алијанса во петокот.

Тој се повика на последните анкети на јавното мислење, спроведени од НАТО, но и од Пју Рисрч, кои покажуваат висока поддршка на граѓаните за Алијансата и за соработката помеѓу Европа и Северна Америка.

– Уверен сум дека ќе се усогласиме за амбициозна и напредна агенда 2030 која ќе биде одраз на високата амбиција што ја имаме за Алијансата затоа што се соочуваме со големи безбедносни предизвици, рече Столтенберг, додавајќи дека граѓаните на Европа и Северна Америка треба да „останат безбедни“.

Би можело да ве интересира

Четири години членство во НАТО: Северна Македонија фактор на стабилност на Западниот Балкан

Три години членство во НАТО

Македонија се подготвува за конфликт со Русија, а хрватскиот претседател контра: Ќе ги повлечам сите војници

Предраг Петровиќ

Македонија од денеска целосно воено интегрирана во НАТО

Заев : Потребно е сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива

Катерина Ѓуровски

Столтенберг: Членството на Македонија и Црна Гора е доказ дека вратите на НАТО се отворени