Македонија ќе претседава со Советот на министри за култура на ЈИЕ

Од:

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Брдо кај Крањ, Словенија, ќе учествува и ќе се обрати на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) на кој Македонија и официјално ќе го преземе од Словенија претседавањето со ова значајно тело во период од една година.

КОМОКОСЕЕ се залага за промоција на принципот на разбирање и добрососедски односи меѓу земјите од ЈИЕ и за вмрежување на институциите и субјектите од државите во регионални проекти од различни области. Македонија активно партиципира во повеќе проекти, како „Љубљански процес II: рехабилитација на нашето заедничко наследство“,  пилот-проектите за локален развој и други проекти од областа на заштитата и унапредувањето на културното наследство во регионот.

Министерството за култура информира дека министрите за култура, претставниците на УНЕСКО, Советот на Европа и на Европска унија, на денешниот состанок ќе усвојат  министерска Декларација со која ќе се обврзат на поинтензивна соработка.

Канческа-Милевска утре во Брдо кај Крањ ќе учестува и на уште еден значаен состанок на министри за култура на Форумот на словенски култури, тело кое ги промовира и афирмира особеностите на словенските култури, на кој ќе се обрати на темата „Словенски интерфејс – информатички технологии и мобилност на културната политика во словенскиот свет”.

По завршувањето на пленарната сесија на Форумот на словенски култури, министрите за култура на државите во кои словенските јазици се официјални – Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Македонија, Црна Гора, Полска, Русија, Србија, Словачка, Словенија и Украина, ќе усвојат и ќе потпишат Меморандумот за соработка во областа на културата и за стимулација на соработката со европските и со другите меѓународни организации.

Во рамките на Форумот на словенски култура, Република Македонија, меѓу другото, учествува во долгорочниот проект „100 словенски романи“, кој овозможува преводи на јазиците на словенските земји на најреномирани автори и писатели. Ќе биде реализирана и заедничка изложба на државните архиви на словенските држави насловена „Главните градови на славјанските земји преку архивски материјал“, која по повод одбележувањето на 1150 години од Моравската мисија на светите Кирил и Методиј ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО.

Министерството соопшти дека пред почетокот на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, Канческа-Милевска синоќа во Националниот музеј присуствувала и на отворањето на изложбата „Замислувајќи го Балканот – идентитети, дијалог во долгиот 19 век“, на која се претставени експонати и документи за личности значајни за историските процеси во 19 век.

– На изложбата, која ја отворија генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, и министерот за култура на Словенија, Урош Грилц, претставени се важни експонати и од Репубилика Македонија, меѓу кои се раритетна икона од Дичо Зограф, Тријазичникот од Ѓорѓија Пулевски, три филма од богатиот опус на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, бајракот на Галичката свадба и многу други предмети кои беа селектирани од страна на Музејот на Македонија и Кинотеката на Македонија.  Оваа изложба, која е резултат на активната соработка на државите од Југоисточна Европа со Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, по прикажувањето во Љубљана, ќе биде претставена и во другите земји од Балканот, а во 2014 година домаќин на ова ликовно претставување ќе биде и Република Македонија, информира МИнистерството за култура.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје