Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија потврдија дека и се донирани тенкови на Украина, истакнувајќи оти се работи за тенкови од третата генерација, а со оглед на развојот на технологијата, неконкурентни и некомпатибилни.
Од Министерството без да го споменат бројот на донираните тенкови, информираа дека дополнително во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за уништување на тенковите, што според нив е нецелисходна активност за нашата Армија.
– Согласно донесените Одлуки од страна на Владата на Република Северна Македонија во неколку наврати се донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците. Република Северна Македонија како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства, наведува МО.