Ефектите од глобалното затоплување нè погодуваат сите еднакво, а тоа особено се чувствува во земјоделството. Во ЕУ годинава имавме топлотен бран, голема суша и шумски пожари. Ќе речете, да, познато ни е тоа, редовно е овде. Но, за многу наши земји ова беше нешто ново. Шумски пожари во Белгија, на австриските Алпи, тоа е нешто ново – изјави европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјата, Томас Вајц, на втората сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, на тема животна средина.
- Може да зборуваме за ограничување емисии на јаглероден диоксид, но веќе го надминавме оној 1,5 Целзиусов степен, што го потпишавме во Париз. Тој воз замина. Не го задоволивме тој праг и таа борба повеќе нема да ја добиеме. И треба да се бориме за секоја десетинка од степен незатоплување и треба да се приспособиме на новата реалност – рече Вајц.
Тој истакна дека во ЕУ речиси 35.000 луѓе починале поради влијанието на жештините.
- Во минатото имавме само по еден ден над 40 степени, оваа година тоа беа шест дена. Ситуацијата ескалира и политичарите треба да се свесни, да сме свесни дека треба да ги подготвиме општествата, градовите, земјоделството, сообраќајот. И во Австрија, која е доста организирана во однос на железницата, возовите не возеа бидејќи инфраструктурата не беше подготвена за 42 степени. За жал, тоа е реалноста што ни се случува – рече Вајц.
Апелира на приспособување на општеството за она што е веќе неизбежно и оти ако не се приспособиме, цената ќе биде висока.
- Можеме да зборуваме за многу работи за животната средина: управување со отпадни води, депонии, загадување на воздухот, што, за жал, сè уште е важна тема не само во Скопје и Тетово, туку и во целиот регион, не само во Северна Македонија. Може да зборуваме за рударство, има тука многу теми. Видете го туристичкиот развој во Албанија и Црна Гора. Јас сум од зелените, ја бранам животната средина за луѓето да имаат убава природа, да им ја покажат на децата, да ја предадат на следните поколенија, но има тука и економски дел – рече тој.
Вајц рече дека Македонија е полна со природни убавини и порача дека треба да се рекламираме за да му ги покажеме на светот.
- Ако видиме како Црна Гора и Албанија го развиваат природниот туризам, ќе видите дека ги имате сите предуслови. Северна Македонија е една од најубавите земји што ги имам посетено. Сум бил да планинарам на Пелистер, на Галичица, сум бил во Маврово, на Шара и ви честитам дека имате три национални парка. Колку луѓе знаат за тоа? Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате. Земјата ви е полна со природни убавини, што претставува и економска можност за целото население, особено за локалното – рече Вајц.
Вајц се осврна и на рударството оценувајќи дека се потребни суровини, но и дека не треба да се губи повеќе отколку што се добива и притоа потенцира дека има современи начини за рударство кои се поеколошки, но поскапи.
