Љупчо Пецов-Ѓаволот, обвинет за финансиски малверзации, признал вина за кривичните дела злосторничко здружување и даночно затајување. Основниот кривичен суд му утврдил казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.
Од Основниот кривичен суд информираат дека пресудата КОК 53/26 е донесена врз основа на признание на вина на 24 август 2026 година.
Покрај условната затворска казна, Пецов е осуден и на парична казна од 8.000 евра, односно 492.000 денари.
Со пресудата му е изречена и забрана во следните 10 години да биде основач или управител на правно лице, како и да управува, раководи или располага со имот на правно лице.
Пецов-Ѓаволот во јавноста е познат и по неговото сведочење во случајот за поткуп, по кое беа фатени поранешниот државен правобранител Фехми Стафа и судијата Ѓоко Ристов.
