По патиштата низ Гостивар и Гостиварско, мината година се случиле 373 сообраќајни несреќи, што е за 50 помалку во споредба со претходната 2011 година, информираат од СВР Тетово. Намален е и бројот на несреќите со смртни последици, како и со тешко и лесно повредени лица. Во сообраќајките животот го загубиле 4 лица, наспроти 8 во годината пред тоа, додека тешки и лесни телесни повреди задобиле 188 лица или 43 помалку.
Според портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, од вкупниот број сообраќајни незгоди, 173 биле во населено место, а 200 на отворен пат, односно по автопатот, магистралните и локалните патни правци. Вкупната материјална штета се проценува на близу 19 милиони денари.
– Најчеста причина за несреќите се неприлагодена брзина, односно пребрзо возење (106) и неправилно вршење дејствие (61), потоа недавање првенство, недржење страна, непрописно престигнување и управување под дејство на алкохол, вели портпаролот Јосифоски.
За констатираните пропусти и недостатоци изготвени и поднесени се 2.031 платен налог и 1.350 покани за наплата на глоба. Поднесени, исто така, се и 4.157 барања за поведување прекршочна постапка.
При контролите, кои лани ги спровело Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гостивар, поради техничка или друга неисправност исклучени од сообраќај се 740 возила и 489 возачи. Лани вкупно алкотестирани биле 869 возачи, а 10 од нив седнале зад волан во алкохолизирана состојба.