Куманово се развива во уреден и функционален град, изјави Ѓорѓиевска

Од:

Донесување нов Генерален урбанистички план, урбанизација на досегашните приградски населби, изградба на деловен комплекс, предвидува програмата на движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Куманово, соопшти на денешната прес-конференција носителката на листата за советници Ивана Ѓорѓиевска.

– Во нашата програма предвидуваме: Нов Генерален урбанистички план (ГУП) со проширен плански опфат и урбанизација на населбите: Карпош, Ајдучка Чешма, Иго Тричковиќ, Говедарски Пат и Железничка Станица. Ширење на градскиот опфат и планирање нови урбани блокови со стандардизиран изглед на наменски зони планирани за домување. Инклузивно и одржливо урбанистичко планирање со фокус на јавниот интерес пред интересот на поединецот. Ставање во функција на урбаните месни заедници како појдовна точка за учество на јавноста во процесите на урбанистичкото планирање, кажа Ѓорѓиевска.

Во урбаниот развој се планира отстранување времени објекти кои го узурпираат јавниот простор, како и изградба на административно-деловен комплекс на локалитет „Чоробенско ќоше“ и нов плоштад, подземна катна гаража со голем капацитет и зелен урбан сквер поврзан со градскиот плоштад. Како што потенцираше Ѓорѓиевска, предвидена е и дислокација на монтажната катна гаража и уредување на просторот со нов урбан сквер за млади и плато за настани (пред новиот Младински центар во склоп на НУЦК „Трајко Прокопиев“) и санација на плоштад „Нова Југославија“.

Во програмата на ЗНАМ за Куманово е предвиден и урбан сквер и шеталиште до спортската сала, спроти Градскиот кеј по должина на булеварот „Октомвриска револуција“, уредување на речното корито и поврзување на кејот од Митев мост до нов парк во село Проевце, и од Митев мост до Градскиот парк.

– Реконструкција на изворите со минерална вода во село Проевце и партерно уредување на нивната околина. Изградба и уредување на просторот наменет за нови Градски гробишта со соодветна инфраструктура, изградба на нови капела и реконструкција на постојната капела, како и проширување на постојните муслиманските гробишта. Реконструкција на фасади на објекти од архитектонско културно наследство (хотел „Куманово“, на ул. „11 Октомври“, на локалитетот „Стар мерак“, Занаетчиски дом, на ул. „Браќа Рибар“ и други), вели носителката на листата.

Таа нагласи дека очекуваат заштита на животната средина, поквалитетен живот за кумановци преку уредување на простори меѓу станбени згради на „Октомвриска револуција“ со детски катчиња, игралишта, паркинг простор и урбана опрема, функционално и естетско осветлување на јавни објекти и површини од јавен интерес.

– Во секоја општина мора да постои ред во сите области, доколку сакаме животот на граѓаните да функционира нормално, затоа што без него се доведуваат во прашање сите витални функции. Така и во урбанизмот. Ако нема ред и ако тој не е плански, не можеме да зборуваме за развој на општината. Спротивно, секојдневно ќе се соочуваме со безредие, урбан хаос што ни го отежнува живеењето. Со современи урбанистички решенија и модерна инфраструктура, Куманово ќе продолжи да се развива во поуреден, подостапен и пофункционален град. Создаваме средина во која секој граѓанин ќе има пристап до квалитетни јавни простори, сигурен сообраќај, зелени површини и современи содржини за рекреација, а воедно ќе се зачува и надгради урбаниот идентитет на градот. Куманово мора да се развива организирано, планирано и во интерес на граѓаните, за да остане град со јасна визија и стабилна иднина, рече Ѓорѓиевска.

Би можело да ве интересира

Лабудовиќ: Центар мора да има ред во паркирањето

ЗНАМ: Вистинскиот патриотизам се гледа во тоа кој што направил, а Филипче ги распродава државните интереси

Димитриевски: На 19 октомври ќе ја добиеме најголемата награда-честа да го предводиме Куманово и во следниот мандат

Предраг Петровиќ

Создавање чиста животна средина главен фокус во програмата на Носителот на советничката листа ЗНАМ Делчево

Димитриевски: На ромската заедница и е потребна суштинска интеграција

Предраг Петровиќ

Димитриевски: Во новиот мандат фокусот го ставаме на развој на домашното стопанство