Европскиот парламент беше и е најсилниот поддржувач на прoширувањето во Европската унија. Сигурен сум дека ќе ви докажеме дека така ќе биде и во иднина, изјави денеска пред пратениците од регионот Едуард Кукан, европратеник и претседавач на Делегацијата со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Кукан, како и неколку други европратеници и народни избраници од Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Србија и Турција во Собранието на Република Македонија учествуваат на семинар насловен „Отворен парламент – Транспаретност на парламентарните активности“.
– Парламентот мора да гарантира пристап за анализа на својата работа. Пратениците треба да бидат одговорни и отчетни кон граѓаните и гласачите и да не се забораваат нивните потреби, рече Кукан кој оцени дека транспаретноста придонесува кон политичката култура на општеството.
Споменувајќи ги настаните пред и во Собранието на 24 декември, европратеникот рече дека пораката до македонските пратеници е да се обидуваат да избегнуват категорична поделба на политичкиот живот во земјата.
– Мојот многу пријателски совет е дека треба да се обидете да избегнувате драматична и категорична поларизација на политичкиот живот во оваа држава. Тоа не е добро и може да има не многу убави лица и изглед. Гледаме неубави слики поради ваквите настани, изјави Кукан.
Обидете се да бидете и да се однесувате едни кон други со почит, им порача на пратениците од регионот Кука, затоа што, како што рече, начинот како се користи политичката култура во Парламентот има огромно влијание врз општеството.
– Како населението ќе се однесува кога тие ќе видат кога нивните директно избрани претставници користат вулгарен јазик и тие се караат, се тепаат прават различни нешта…Но, не е вака само во вашиот регион, предупреди тој.
Европратеничката Тања Фајон изјави дека е многу важно за параламентарците да промовираат високи демократски и етички стандарди на однесување.
– Сите се сеќаваме се уште на настаните во оваа зграда, кои беа многу негативни. Луѓето не следат преку медиумите и ние сме одраз на демократијата и затоа е многу битно парламентарците да промовираат високи стандарди и да имаме кодекси на однесување и да сме некој пример за правила на демократијат, изјави Фајон.
Дури и во ЕП имаше слични случувања, така што вели таа, тоа не е случај само во регионот.
– Тоа што нам на сите ни се случува е дека политиката го губи кредибилитетот. Граѓаните веќе немаат доверба и поради тоа мора да направиме повеќе да го изградиме овој мост кон граѓаните, изјави европратеничката.
Парламентарниот семинар го отворија потпретседателот на Собранието Светлана Јакимовска и потпретседателот на ЕП Ласло Сурјан. Двајцата го истакнаа значењето на отвореноста и транспаретноста на парламентите кон граѓаните, а Јакимоска информираше и за активностите кои ги реализира Собранието на Република Македонија за да има се доближи на граѓаните.
На утрешната сесија потпретседателот на ЕП Сурјан и неговите колеги ќе зборуваат за поврзаноста меѓу парламентарците и граѓаните. Темите за кои во текот на денот ќе се дебатира се поврзани и со ИТ како клучна алка за парламентите и клуч за граѓаните за што ќе зборува Рејнер Виланд, потпретседател на ЕП, а Дубравка Грчиќ од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) – членка на Глобалната мрежа на парламентарни мониторинг организации ќе го презентира извештајот за тоа колку парламентите од Западен Балкан и Турција се отворени кон нивните граѓани.