Националниот младински совет на Македонија денеска организираше меѓународна конференција “EYE CON – Empowering Youth for Employment Conference”, посветена на споделување практики и иновативни модели за подигнување на младинската вработливост во Европа.
Конференцијата е дел од активностите на проектот “Со работни вештини до можности за младите “, спроведуван од НМСМ, а поддржан од Британската амбасада во Скопје.
„На младите им треба подготовка со вештини за вработување кои ќе ги стекнат надвор од академската средина“, порача Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Н.Е. г. Чарлс Гарет, кој ја отвори конференцијата и ги сподели своите искуства осврнувајќи се на позитивните примери и практиките од Велика Британија. Претседателот на НМСМ, Дамјан Николовски, пак, ја потенцираше младинската автономија која заедно со економската независност претставуваат прв услов за подобрување на ситуацијата на младите на пазарот на трудот.
Со своите инспиративни приказни говорниците отворија можност за дискусија пред околу 120 присутни гости од кои поголемиот дел млади луѓе кои се засегнати со ваквите прашања.
На првиот панел „Иновации во младинската вработливост во Европа“, свои позитивни практики, модели и мерки за зголемување на младинската вработливост пренесоа претставниците од Европскиот младински форум, Национален младински совет на Србија, Агенцијата за вработување на Р. Македонија, Британскиот младински совет и Национален младински совет на Словенија.
Додека пак на вториот панел „Работата и вештините на иднината“ посветен на споделување на иновативни решенија за младинската вработливост засновано на работата на младинските организации зборуваа претставници од Национален младински совет на Македонија, организацијата Go Green – членка на НМСМ, младинската мрежа на ЈИЕ, SWISS Contact – Македонија и младинскиот совет на Шпанија.
Главната цел на проектот е зајакнување на вештините и компетенциите кои помагаат при вработување кај младите луѓе во Македонија, преку формирање на MLADIHUB – тренинг центарот за вештини и компетенции на НМСМ. Покрај тоа предвидени се и обуки, академии за јакнење на одредени компетенции на младите луѓе а со тоа и зголемување на можностите за нивно полесно вработување.