По повод јубилејот, 70 години од победата над фашизмот, и во пресрет на 9-ти мај, Денот на победата, денеска во Домот на АРМ ќе се одржи научно-стручна конференција на тема „70 години од победата над фашизмот“.
Конференцијата ја организираат Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста, Клубот на генерали и Здружението на дипломирани студенти на НАТО колеџот во Рим. Покрај нивни претставници, ќе учествуваат и експерти од академската јавност, како и претставници од Институтот за национална историја на Република Македонија.
Во фокусот на конференцијата, освен суштинските вредности на антифашизмот, ќе бидат и научни-стручните погледи за развојот на македонската војска низ народно-ослободителната војна и за АРМ како продолжувач на традициите на македонската војска од периодот на антифашистичката борба во Македонија.