Уделите кои ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков ги има во фирмата „Дивелоп груп“ сопственик на хотелот „Мериот“ кои се вредни 3.546.778 евра, преминуваат кај државата. Бидејќи не е можно конфискување на удел од 46% во вредност од 3.546.778,00 евра во правно лице ДПТУ Дивелоп Груп ДОО Скопје (фирма сопственик на Мериот), 19.580 акции во вредност од 732.260,00 евра издадени од ЗК Пелагонија, 8.150 акции во вредност од 249.933,00 евра издадени од Бетон Штип АД што ги поседува правното лице ДПТУ Ексико ДООЕЛ и недвижен имот – куќа во вредност од 947.682,00 евра, се конфискува од обвинетиот друг негов имот во вредност од 5.476.653,00 евра и тоа парични средства во износ од 336.814.160,00 денари од банкарската сметка на правното лице ДТУ Макпоинт ДООЕЛ Скопје на кое единствен сопственик е обвинетиот С.М.
Ова е само мал дел од се што Мијалков се спогодил да го даде на државата, за случајот „Империја“ да се затвори. Хартии во вредност односно 8.150 акции вредни 249.933 евра кои се на негово име исто така ќе бидат државни.
Меѓу другото, Мијалков останува и без земјиштето, апартманите и гаражите кои ги имаше на Водно. Таму и живееше заедно со семејството. Станува збор за над 20 апартмани. Ова воедно и најголемиот имот. Неговата вредност е 3.499.821 евра.
Мијалков се согласил и единаесет деловни простории на фирмата „Ексико“ во Центар да ги даде на државата, заедно со хотелски деловен простор. Оваа компанија има и хартии од вредност во Стопанска банка-Битола со вредност од 21.639.000 денари, градежно неизградено земјиште од 3880 квадрати во Арачиново вредна 2.686.082 евра, земјиште во Кавадарци вредно 14.950 евра, како и имот во Охрид вреден 367.269 евра. Сето ова е дел од спогодбата, кое Мијалков го препушта во државно владение.
Фирмата „Ексико“ ќе остане и без средства кои ги имала во две македонски банки. Се одзема и имот кој се води на фирмата „Бет ком ко“ чиј сопственик е „Ексико“ вреден 4.500.000 евра.
И имот во Скопје, Мијалков го дава на државата. Па така, два апартмани чиј сопственик е фирмата „Панорама резиденс“ кои се вредни 276.650 евра се конфискуваат.
И фирмата „ССИ Инвесмент“ останува без дел од имотот. Нејзин управител е Мето Стојчески, зет на бизнисменот Орце Камчев. Четири деловни простори, гаража и помошни простории ќе ги добие државата, а се вредни 1.100.000 евра.
Јордан Мијалков, син на Сашо Мијалков, останува сопственик на една од најголемите семејни фирми „Бест веј инвесмент“ која пак е сопственик на бензински пумпи и депо за бензин. Од оваа фирма не може ниту да се конфискува, бидејќи е основана од Јордан и Александар Мијалкови, а никогаш не се водела на нивниот татко Сашо. Фирмата „Макс бет“ која е сопственик на кладилници, повеќе не е сопственост на Мијалкови. Во неа, сопственик порано беше фирмата „Бест веј инвесмент“ сопственост на Јордан Мијалков, но не и Сашо Мијалков.
Мијалков, покрај тоа што даде имот, се согласил да одлежи и три години затвор. Тој во предметот „Империја“ се гонеше за злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање имот.