Членовите на семејството на Насер Е. и адвокатот Рубин Двојаков тврдат дека оружјето со кое е убиен Ангел Петковски всушност му припаѓало на убиениот и неговиот татко.
– Тоа е и причината што осомничениот Насер сам се предал на полицијата – тврди адвокатот Двојаков.
Оваа различна верзија од официјалната на МВР за трагичното убиство во Ѓорче Петров ја пренесува весникот на албански јазик „Коха“.
Според адвокатот, вистината за случајот не одговара на она што е досега кажано од страна на полицијата и вели дека е пологично она што го раскажува 19-годишниот Насер.
Осомничениот на адвокатот му раскажал дека попладнето отишол со намера да го украде велосипедот, но негира дека имал нож. Според осомничениот, тој бил нападнат од страна на жртвата и неговиот татко.
– Доказ дека Насер бил нападнат се тешките повреди на главата, ја пренесува изјавата на адвокатот Двојаков весникот „Коха“.
Според адвокатот Насер го убил Ангел во самоодбрана. Таткото и синот со бејзбол палка и нож го бркале Насер, таткото не успеал да го стигне, а Ангел наводно го нападнал со нож. Насер во тепачката успеал да му го земе ножот и да му нанесе повреди.
Како доказ за оваа верзија на адвокатот и на семејството на осомничениот за убиството се тешките повреди на главата и рамото, кој што се нанесени со бејзбол палка.
Семејството изјавува дека Насер немал намера да го краде велосипедот, бидејќи досега ништо не украл и немал проблеми со полицијата.