Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека во врска со несреќата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 59 лица се работи на итно процесуирање на 14 осомничени. Тој информираше дека се сомничат за „тешки дела против општа сигурност“ по член 292 од Кривичниот законик со казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување, што може да се движи до 20 години. Воедно, рече дека се испитуваат дејствија на примање и давање поткуп како и незаконска набавка на пиротехнички средства.
Во изјава за медиуми пред Основното јавно обвинителство во Кочани, Коцевски информираше дека тимот обвинители кој од утрово е проширен на девет јавни обвинители интензивно постапува и презема дејствија со кои се обезбедуваат докази за утврдување одговорност.
-Самиот број на јавни обвинители вклучени постапката сметам дека укажува на сериозноста и тежината на овој настан. Во текот на вчерашниот ден и денеска се издадени многу наредби и преземени огромен број на дејствија. Покрај голем број на увидни дејствија на собирање на траги и докази издадени се 59 наредби за обдукции, наредби за обезбедување видео материјал и наредба за одземање на документација на правен субјект, вештачење на мобилни телефони, соопшти Коцевски.
Дополни дека со наредби обезбедени преку ОЈО Скопје се извршени претреси во Министерството за економија и на уште две локации во Скопје, а дадени се и наредби за пребарување на компјутери и сервери во Министерството и графолошко вештачење на потписи на одредени документи.
Полицијата е овластена да уапси секого кој со своето постапување и непостапување придонел кон катастрофалните последици, рече тој.
Коцевски информираше дека побарале во рамките на истражните дејствија да бидат вклучени градежна и трудова инспекција од аспект на прописи за безбедност при работа, а ангажирани се и вештаци кои ќе треба стручно да се произнесат на одредени факти.
-Во текот на денот ќе биде пратено барање и до инспекцискиот совет за преземање на мерки да се утврдат факти и околности за лоцирање на одговорност низ годините кај секого со име и презиме. Криминалниот резултат не е настан на стихијно и како држава мора да најдеме начин да се справиме со неизвршување на должноста или прогледување низ прсти од кои било мотиви и причини, посочи Коцевски.
Дополни дека во моментов во Основниот суд во Кочани се држат рочишта по однос на предлозите за краткотраен притвор.
-Во текот на вчерашниот ден бевте известени дека ваква мерка е предложена за осум лица, додека три се хоспитализирани во потешка здравствена состојба и постапката за овие лица ќе продолжи веднаш кога нивната здравствена состојба ќе се подобри. Во моментов се држат рочишта по однос на предлозите за притвор и лицата се во зградата на судот. Вкупно до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица обезбедени од нашето постапување до овој момент. По однос на увидот можам да кажам дека сите важни релевантни факти и докази на местото се обезбедени и следат дополнителни анализи и вештачења од соодветна област, рече тој, дополнувајќи дека во текот на оваа недела има можност да се поведе истражна постапка.
Коцевски не потврди конкретно дека мерките се однесуваат и на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, како и инспектори од општината.
-Сите лице кои тимот на јавни обвинители утврди дека имаат, односно немаат преземено некои активности кои подлежат на кривично правен аспект ќе бидат опфатени, рече тој.
Прашан дали може да гарантира дека случајот ќе биде расчистен, одговори „им ветувам на граѓаните дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сите кои сториле инкриминирани дејства ќе одговараат“.
Во однос на протестите што се одржуваат во Кочани по повод несреќата рече дека досега нема незаконити дејствија.
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 лица, а 155 беа повредени.
Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.