Според извештајот на стручњаците на Заводот за испитување на материјали и Градежниот факултет од Скопје по направените испитувања од август годинава, мостот кај Башино Село на влезот во Велес е во многу лоша состојба и потребна е негова итна санација појасни на прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски.
Тој најави допис до Министерството за транспорт и врски и до Владата во кој ќе побара итна прекатегоризација на патот кој поминува преку мостот, од локален во регионален, а како што истиот беше до пред десетина години .
– Сето тоа со цел Владата со средства од буџетот што поскоро да го санира мостот, појасни Коцевски.
Тој информира дека од претседателот на Владата како трајно решение ќе бара во програмата за инвестирање на инфраструктурни објекти за идната година, да се изгради нов мост на Вардар во Велес, кај управната зграда на ЈП ХС „Лисиче“.
– Според анализите од стручњаците потребна е итна санација на столбовите на мостот кои се напукнати, а и да се заштити арматурата која е сериозно нагризана од корозија. Потребно е и да се реши одводнувањето на мостовската конструкција, да се замени асфалтниот слој, за да биде мазен и да не предизвикуваат дополнителни динамички влијанија на мостовската конструкција, потенцира Коцевски.
Воедно појасни дека на мостот ќе се ограничи и брзината на движење на 20 километри на час.
– Имавме дилеми дали да се намали тежината на возилата до 8 тона или да остане како сега до 40 тона, но јас побарав да остане како досега, се со цел тешките возила да се движат и понатаму преку мостот и да не се пренаменуваат преку центарот на Велес, појасни Коцевски.
Тој потсети дека мостот е граден во далечната 1971, пред 47 години од тогашната ЈНА како времен мост кој има и пешачка патека, а е армирано бетонски полумонтажен тип.
Инаку според мерењата на стручњацита во август годинава, за еден час преку мостот поминуваат 39 шлепери, 43 товарни возила и комбиња и 250 лесни автомобили.