Коалицијата за ПРОМЕНИ и ПРАВДА оценува дека последното обраќање на Ѓорге Иванов претставува катастрофа и најголем срам кој во досегашните 25 години независност, ѝ е нанесен на Република Македонија. На својот вчерашен настап, Иванов се претстави како портпарол на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, во целост застанувајќи зад позициите на Груевски и на неговата медиумско – пропагандна машинерија.
Наместо државнички говор, тој со својот настап, повторно создава конфликт, поделби, Македонија ја вовлекува во неизвесност и ја конфронтира со меѓународната заедница.
Вчерашното јавно обраќање на Иванов беше обична пропаганда во функција на омаловажување на масовните граѓански протести и високиот рејтинг и поддршка која ја има Специјалното јавно обвинителство. Човекот кој треба да ја претставува државата, си дозволи да биде заштитник на криминалот и тешките злоупотреби на власта, кои се индицирани во снимените аудио разговори. Користејќи класична замена на тези, Иванов го постави прашањето – зошто предметите на СЈО се однесуваат само на власта, а не на опозицијата, со што под сериозно сомневање го постави и сопствениот здрав разум и нормално расудување.
Но да појасниме, одговорноста за лошите состојби, ја имаат сите, но најголема одговорност сноси власта. Од позиција на власт во изминатите 10 години е направен најголемиот грабеж, одлеани се над пет милијарди евра, како и егзодус на македонскиот народ со иселување на над 600.000 лица.
Човекот кој со прогласувањето аболиција е главната причина за ескалација на политичката криза во Македонија последниве два месеци, со провиден спин се обиде да се амнестира од сопствената одговорност, повикувајќи се на целосно лажни и измислени ситуации, како што е загрозеноста на државата од терористички напади, евентуалната употреба на армијата и сериозноста на разузнавачките податоци кои наводно стигнувале до него.
Со овие негови јавно изнесени информации, се покажа дека биле точни „шпекулациите“ дека се подготвува интервенција на армијата (воведување на воена состојба) и суспендирање на Парламентот и Владата.
Коалицијата за ПРОМЕНИ и ПРАВДА ги повикува сите граѓани, граѓанските асоцијации, медиумите, како и политичките партии да го осудат настапот на Ѓорге Иванов за да спречиме нова ујдурма, од која ќе се срамиме сите, но ќе има и тешки последици по безбедноста и стабилноста на државата.
Единствено што очекуваме од Ѓорге Иванов é побрзо да ја напушти функцијата Претседател.