Генералниот директорат за фондации на Турција ќе го финансира реставрирањето на Хајдар-кади џамија во Битола, споменик на османлиската архитектура од 16 век, која од 2005 година е во сопственост на битолското муфтиство на Исламската верска заедница.
Заменик-директорот на Директоратот Али Гурата денеска потпиша протокол за соработка со Мемет Селмани, директор на Националниот конзерваторски центар на Македонија (НКЦ).
Гурата не прецизираше кога би почнале градежните зафати и колку ќе чини реставрацијата, зашто претходи подготовка на документи и на проектот што, рече тој, е посложено и подолготрајно кога се работи за интервенции на историски споменик. Очекува се да заврши за најмногу шест месеци. Проектот ќе се подготви во НКЦ, а тендерот за изведувaч ќе биде отворен во Турција.
Директорот на НКЦ Селмани истакна дека помошта од Турција за реставрација на џамијата е потврда за пријателските односи на двете земји.
– Овој проект е и уште еден обид да го зачуваме од заборав нашето заедничко минато, во кое нашите предци живелее заедно во мир и толеранција. Минатото треба да го зачуваме денес заради заедничката иднина на сите нас, истакна Селмани.
Хајдар-кади џамија е примерок од класичната османлиска архитектура, со квадратна форма и едно кубе. Била изградена во 1561/1562 година по налог на Хајдар-бег кој во Битола во тоа време бил администратор на османлиската провинција Румелија.