Ќе има ли решение до 17 ноември – Скопје очекува интензивирање на разговорите со Софија

Од:

Двете страни имаат право и обврска да ги застапуваат сопствените позиции, да ги заштитат своите национални интереси и да ги оправдаат политиките, но имаат обврска и да се грижат за пријателството, како и да ја гарантираат европската иднина на регионот. Ние сакаме решение и добро е тоа да се постигне до 17 ноември. Веруваме дека претстојните денови заедно со Бугарија, која е наш голем пријател, максимално ќе ги искористиме, порачаа вчера премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров во врска со последните случувања на релација Скопје – Софија.

Се огласи и Бугарската академија на науките (БАН) според која, „плодотворни се напорите на бугарската Влада за интегрирање на Република Северна Македонија во вредностите на ЕУ“. БАН ја поддржува позицијата на официјална Софија во однос на македонската евроинтеграција. Не ги прифаќа преговарачката рамка за земјава и придружната нацрт-декларација онака како што се предложени во сегашната форма.

Паневропската Унија на Македонија и ПанЕвропа Бугарија, пак, преку заедничко соопштение апелираа различните ставови за историјата да не бидат пречка за заедничката европска иднина на двете земји. Воедно повикаа Скопје и Софија да ги решат билатералните прашања во духот на добрата волја.

Се изјаснија и двајца бугарски универзитетски професори. Блокадата е во прилог на амбициите на Каракачанов и на некои ЕУ земји кои не сакаат проширување, рече професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, додека според историчарот и професор по историографија на Софискиот и на Универзитетот во Благоевград, Стефан Дечев, се креираат тензии и се премолчуваат ставови за спорот меѓу Софија и Скопје.

Со оценка излезе и германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ). Во текстот „Меркел ги предупреди кавгаџиите“ напиша дека инсистирањето на Бугарија на контроверзни историски прашања како услов за евроинтерграцијата на Северна Македонија може да ја загрози целата политика за проширување на ЕУ. Според ФАЦ, во овој дел од Европа се преценуваат историските спорови и ќе дојде до крај на политиката на проширување ако се дозволи барањата за договор за билатерални историски спорови да стане предуслов за почеток на пристапните преговори.

-Ќе продолжиме да работиме со Бугарија на изнаоѓање заедничко, победничко решение и верувам дека се уште имаме време за тоа. Во овој момент се уште не сме стигнале дотаму, но пред нас постојат услови за тоа. Целта е низ договорот преку двете комисии, историската и меѓувладината, да ги изнајдеме решенијата кои ќе имаат дополнително појаснување, ангажман, сериознио имплементирање на обврските од Договорот. Очекуваме дека овие денови ќе се интензивираат разговорите за на крајот, непосредно пред 17 ноември, да се обидеме да постигнеме решение. Многу е важно како соседни и пријателски земји заедно да чекориме на патот кон ЕУ, поддржувајќи се едни со други. Советот за општи работи е на 17 ноември каде министрите за надворешни работи на ЕУ ќе расправаат за преговарачката рамка. Убаво е да постигне решение до 17-ти, но ако не постигнеме за мене секако остануваат отворени можностите до крајот на декември за одржување на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство. Но, дефинитивно шансите по 17- ти се помали, верувам дека овие денови македонската и бугарската страна максимално ќе ги искористат, истакна вчера премиерот Заев.

Вистинските политичари, нагласи Заев, мора да му дадат шанса на процесот и да најдат начин да се согласат. За тоа, потсети, директна поддршка дава и канцеларката Меркел.

– Ние имаме јасни и прецизни позиции. Ќе продолжиме да разговараме, но не мислам дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања. Се разбира, ќе информираме суштински и навреме за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина. Удирањето во гради е можеби атрактивно за домашаната јавност и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение. Македонскиот идентитет е гордост и ќе остане наша гордост како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл за ова прашање, рече Заев, додавајќи дека бугарската страна не бара да бидат оспорени македонскиот идентитет и јазик, но се вминаваме на двете страни, преку преговорите, зашто само ако се почитуваат двете страни можно е решение.

Според вицепремиерот Димитров, има работи за кои може да се разговара, но има и работи за кои нема дискусија. Ниту со Бугарија, ниту со која било друга земја или организација не можеме да преговараме за тоа кои сме, каков јазик зборуваме и кој ни е идентитетот.

-Нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а заемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ и Унијата треба и може да се проширува само преку афирмација на тие вредности, никако преку нивно загрозување. Впрочем, како што вели и новата методологија, „сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес”, напомена Димитров.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги повика Владата, Заев, Димитров и сите инволвирани во процесот, јавно да кажат за што се преговарало во Софија од Бугарија.

Во интервју за Радио „Фокус“, професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев вчера рече: „Измислуваме некакви смешни причини за блокада на македонското членство заради амбициите на Красимир Каракачанов. Освен тоа, сега ја вршиме и валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ“.

– Се отвори прозорец, историска шанса, а што се случува? Измислуваме некакви смешни причини за блокирање на ова членство. Смешни, бидејќи тие главно се поврзани со политичките амбиции на г-дин Каракачанов, кој гледа дека му се намалуваат гласачите и повторно наоѓа некаква историја со која треба да стане важен, да биде во центарот на вниманието. Јас лично, како и Македонците и Европјаните, не разбирам што точно бараме од Северна Македонија, истакна Дичев според кој, иако Договорот за добрососедство има многу точки, сето внимание е насочено само кон една – историските прашања кои треба да ги решава заедничката комисија.

Германија, смета професорот, е единствената земја што сака конечно да се решат прашањата со Балканот. – Ние сега ја вршиме валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ. Тоа се земји како Холандија, како Франција, кои многу се радуваат што некој ќе најде некој повод за да ги запре новите кандидати. Ние не ја запираме само Македонија, ја запираме и Албанија, која е исто така важна земја за Балканот. Но, многу земји од ЕУ не сакаат повеќе проширување и ние им правиме многу добра услуга, кога ги запираме кон ЕУ нашите братучеди и нашите пријатели во Северна Македонија и Албанија, наведе Дичев.

Неговиот колега, професорот по историографија на Софискиот и на Универзитетот во Благоевград, Стефан Дечев, пак, оцени дека постојат премолчувања и изобличување на позициите на бугарските историчари и други научници за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, а медиумите се користат за зголемување на тензиите. Дечев засега не гледа сигнали ниту од Софија, ниту од Скопје за излез од ќор-сокакот, а евентуален пробив во таквата ситуација би можел да се направи, смета, само со посредување на Германија.

-Уште кога почнаа разговорите за историјата во Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, бугарската страна тргна од погрешна позиција: дека речиси целата вистина е на нејзина страна, а македонската страна треба да ја препише бугарската историја до 1944 година. Од македонска страна, пак, постоеше надеж дека би можела да се извлече од разговорите за минатото. И тоа на крајот доведе до бугарската позиција, како и до очигледната решеност на Софија да го искористи овој момент и почетокот на преговорите со Северна Македонија за да се обиде да наметне агенда блиска до нејзините позиции. Тоа е премногу тешко, бидејќи не е можно да се објасни дека сите народи во Европа се „природни“, а само македонската нација и македонскиот јазик се вештачки. Дека тие настанале во 1944 година, а целата претходна историја е само бугарска, изјави Дечев во интервју за бугарската редакција на Дојче веле.

За жал, констатира професорот, луѓето кои се занимаваат со односите на Бугарија кон Северна Македонија и на политичко и на т.н. експертско ниво, се чини дека донесоа преуранети решенија.

Бугарската академија на науките (БАН) е децидна дека бугарските научници „со научни средства цврсто ќе ја бранат историската вистина за минатото на историско-географскиот регион Македонија, вклучително и за бугарската етничка и културна припадност на мнозинството од нејзините жители“. – Академијата ќе продолжи со истражување на темата „Македонија“ и популаризација на добиените резултати, без разлика на политичките влијанија и аспирациите на одредени кругови во Република Северна Македонија за промена на минатото, соопшти вчера БАН.

Наспроти ваквиот став, Паневропската Унија на Македонија и ПанЕвропа Бугарија излегоа со апел Скопје и Софија да ги решат билатералните прашања во духот на добрата волја, а различните ставови за историјата да не бидат пречка за нивната заедничка европска иднина.

-Ги повикуваме владите и институциите на Бугарија и Македонија да продолжат со комуникацијата во духот на добрата волја и да ги надминат сите пречки што можат да го попречат напредокот на Македонија кон нашата заедничка европска иднина. Двостраните добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија треба да се градат врз основа на меѓусебна доверба, почит, економски развој, културна размена и разбирање едни за други, но исто така и на неоспорното право на самоопределување, и принципите и вредностите на ЕУ. Убедени сме дека со прогресивниот напредок на евроинтегративниот процес на Македонија со поддршка и менторство од страна на Бугарија, врските меѓу двете нации ќе станат уште посилни, стои во заедничкото соопштение на двете членки на Пан Европа.

Бугарската закана дека ќе ја блокира Северна Македонија го засени и Самитот за Западен Балкан на Берлинскиот процес со кој заеднички претседаваа премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев, напиша вчера Франкфуртер алгемејне цајтунг. Според весникот, канцеларката Меркел на Самиот во Софија порача дека една од целите на Берлинскиот процес е и помирувањето, со надминување на историските тензии. Таа како наставничка во училиште ги предупреди двајцата шефови на влади да стават крај на спорот, порачувајчи им: „Во регионот, мора да кажете да: Направете договор! Ова е многу важно“.

-Инсистирањето на Бугарија на контроверзни историски прашања како услов за евроинтерграцијата на Северна Македонија може да ја загрози целата политика за проширување на ЕУ. Во овој дел од Европа во кој се преценуваат историските спорови, ќе дојде до крај на политиката на проширување на ЕУ ако се дозволи барањата за договор за билатерални историски спорови да стане предуслов за почеток на пристапните преговори. Бидејќи сите земји-членки на ЕУ во поширокиот регион (Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Хрватска) се во конфликт со земјите кандидати за едно или за друго историско прашање. Станува збор за територии, исходот и текот на војните, проценка на историските личности, постоењето или непостоењето на разни малцинства. Доколку договор за вакви контроверзни прашања стане критериум за пристапување, политиката на проширување на Балканот ќе заврши, оцени ФАЦ.

Седницата на Советот на министри за европски прашања наместо на 10 ноември, ќе се одржи една недела подоцна, на 17 ноември. Со тоа се добиваат дополнителни денови за усогласување околу текстот на преговарачката рамка. Како што изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, ако дотогаш не се реши проблемот со Бугарија, останува тоа да се направи до декември.

Би можело да ве интересира

Гаши: Во секое време може да почнеме со уставни измени, но како држава сме во временски теснец

Преземените обврски мора да се почитуваат порачува францускиот амбасадор

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно

Катерина Ѓуровски

Почна средбата на Мешовитата историска комисија, прва со новиот состав на македонскиот тим

Прва средба на новиот тим македонски историчари во заедничката комисија со тимот од Бугарија

Мицкоски: Државата е блокирана од нерационален и билатерален спор

Катерина Ѓуровски