Шест дена пред да биде уапсен, актерот Кирил Поп Христов – Кили жестоко ја критикувал власта, обвинувајќи ја за сеење страв и замолчување на граѓанството
Отворајќи го првиот ѕид за јавно изразување на ул. „Македонија“ во центарот на Скопје на 31. август, Кили поставил повеќе прашања од типот зошто власта сака да заплашува и зошто во земјава нема дебата, туку живее дискфалификацијата и етикетирањето.
– Зошто некои луѓе и режими имаат потреба да ги заплашуваат граѓаните, да им го одземат правото на сопствен став и мислење, да ја умртват дебатата, да го затворат јавниот простор, да ја заглушат слободата на изразување? Зошто во Македонија граѓаните молчат?
Зошто се плашат јасно, гласно и јавно да критикуваат и да кажат што мислат? Зошто наместо јавна дебата, во Македонија живее етикетирањето и дисквалификувањето? Зошто македонските граѓани не дишат со полни гради и не зборуваат слободно, прашал јавно познатиот актер.
Настанот е оригинална идеја спроведувана од две невладини организација, НВО Инфоцентар и Младински образовен форум – МОФ и е дел од кампањата „Слободен си, изрази се“.
Неколку дена подоцна Крил Поп Христов беше уапсен во домот на неговата мајка, под сомневање дека произведувал и пуштал во промет марихуана, по што веднаш му беше изречен 30-дневен притвор. По апсењето се огласи и неговиот брат Владимир, кој тврди дека полицијата не ја зборува вистината во целост.
Извор: mof.mk