Досегашните расправии и препукувања меѓу Македонија и Грција да се претворат во директни и конструктивни преговори на што инсистира и меѓународната заедница. Членството на Македонија во ЕУ и во НАТО е насушна потреба и добро е што има притисок за решение иако времето не работи за нас, истакнува Срѓан Керим, претседател на 62. Заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Во интервју за е-Вести, Керим оценува дека тоа што меѓународната заедница во моментов притиска со цел да се одблокира застојот во преговорите е поволна околност што оди во прилог на интересите на македонската страна да се реши проблемот пред се поради потребата на Македонија што е можно поскоро да стане членка на НАТО, а потоа и ЕУ.
Во врска со новите сугестии на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името, Керим вели дека не му се познати детали во врска со предлозите, но оти логиката на нештата налага да се размислува во насока дека и да има нешто „ново“, тоа може само да биде комбинација и прекомпонирани елементи на она што и досега им било предочено на двете страни.
– За македонската страна, меѓу другото, е важно амбасадорот Нимиц да се придржува кон она што јавно го кажа во своето интервју за порталот Е-Вести, дека се бара „достоинствено решение што ќе го зачува идентитетот, смета Керим.
За предлогот на Европската комисија на Македонија да и се даде датум за преговори, а решението за името да најде во нивната рана фаза, и оценката на медијаторот Нимиц дека двата процеса треба да се одвоени, тој вели дека нема ништо спорно тие да се водат одвоено, бидејќи едниот е под покровителство на ЕУ, а другиот на ОН. – Но политички гледано меѓу нив постои одредена корелација која во себе содржи пристап втемелен врз логиката да не се кочи процесот на приближување на Македонија кон ЕУ (датум за преговори), а паралелно со тоа да течат и преговорите за името со цел што поскоро да се дојде до решение, истакнува Керим.
Според него, неопходно е да се интензивира дијалогот меѓу Скопје и Атина и досегашните расправии и препукувања да се заменат со директни и конструктивни разговори. Смета дека Грција и Македонија мора да отстапат од појдовните позиции.
– Секое решение, па и во овој случај, се формира како резултат на приближување на двете појдовни позиции на страните што преговараат. Како конечен резултат на тоа приближување мора во крајна инстанца да отпаднат појдовните позиции. Тоа е condicio sine qua non за наоѓање решение, вели Керим.
Нагласува дека добра околност е тоа што мнозинството на земјите членки на ЕУ притиска на Македонија во декември да и се даде датум за преговори. – Останува да се види дали Грција ќе направи напор овој пат да скокне преку сопствената сенка, истакнува Керим.
Прашан дали Македонија ќе идржи уште едно одложување за почеток на преговорите, Керим вели дека треба да бидеме подготвени на се, но оти поважно е какви се последици ќе може да има пролонгирањето врз внатрешниот развој на земјата.
– Не би сакал да бидам пророк на црни сценарија. Во секој случај досегашното искуство покажува дека треба да бидеме подготвени на се. Не е прашањето дали ќе издржиме пролонгирање на овој процес од стратешко значење за Македонија, туку до кога ќе можеме да се носиме со таа тактика на изморување и какви се последици тоа може да има за внатрешниот развој на Македонија. Едно мора да биде јасно, за граѓаните на Македонија членството во НАТО и ЕУ е насушна потреба, потенцира Срѓан Керим.