Клиниката за кардиологија денеска демантира дека во болницата има само еден вид антибиотик со кој ги лекуваат пациентите. На Клиниката за кардиологија, како што се наведува во соопштението, во секој момент има најмалку три типа на антибиотици со широк спектар за парентерална употреба и повеќе од пет типа антибиотици за пероорална употреба.
– За повеќето од пациентите со срцеви заболувања не се потребни антибиотици во третман. Со оглед на тоа што на Клиниката се случува да лежат и пациенти со придружни заболувања за кои има потреба од антибиотски третман тие во почеток се покриваат со антибиотик од широк спектар. Доколку се работи за пациенти со воспалителни срцеви заболувања, лекувањето со антибиотици оди според антибиограм, односно, се лекуваат со антибиотикот кој е најефикасен за нивната болест, објаснуваат од Клиниката.
Во поглед на пациентите кои се оперираат, односно пациенти кај кои се имплатираат електростимулатори, според соодветните препораки антибиотик со широк спектар се дава еднократно за превенција на идни компликации.
– За останатата терапија на срцевите заболувања, Клиниката располага со најмалку по еден лек од секоја генерика. Доколку пациентот инсистира на свое барање да не го менува лекот кој го примал во редовна терапија, дозволено е истиот да го продолжи. Истото се однесува и за лековите кои хроничните болни ги земаат за придружните невролошки, ендокринолошки, белодробни и други заболувања, се наведува во соопштението од Клиниката.
Капацитетот на работа на Клиниката, како што стои во текстот, воопшто не е намален, напротив, Клиниката работи 24 часа, со полн капацитет, како со закажаните пациенти, така и со итните случаи.
– Во поглед на тековното одржување на хигиената на клиниката, клиниката има склучено договор со надворешна фирма која во договорени временски интервали врши генерално чистење на клиниката, а секојдневното тековно чистење го извршуваат хигиеничари вработени во клиниката, се наведува во соопштението.
Од Клиниката за кардиологија потенцираат дека ниту еден пациент не останал без потребната грижа и терапија, а мешањето на политика во здравството и водење на кампањи со фрлање дамка врз професионалното работење на Клиниката не е во интерес на пациентите.
Опозициската СДСМ денеска обвини дека Клиниката останала само со еден антибиотик за лекување на пациентите.