Се ближи крајот на 2016 година, година која за Македонија беше особено значајна, година во која прославивме четврт век независност. Но што и донесоа на Македонија овие 25 години? Посебно ако се стави акцент на последните десетина години едноумие и еднопартизам, а да не зборуваме за последните 2 години, можеби и најтешки од безизлезната политичка криза во Македонија, рече каднидатот за пратеник од Коалицијата „ВМРО за Македонија“ од Охрид,
Владимир Каневчев.
Чест ми е што сум овде како претставник на Коалицијата ВМРО за Македонија, коалиција која и беше неопходна на Македонија.
Оваа коалиција е предводник од искусни луѓе, политичари кои беа столбот и младата прогресивна сила во раните 90 години и цврсто застанаа на патот за суверена и независна Македонија.
Лидерите на коалицијата ВМРО за Македонија се искусни луѓе кои поминаа повеќе политички премрежја во 25 годишниот период и сите одлуки ги носеа исправно, храбро и одлучно во дадениот момент, без некакви претходно напишани фермани.
Затоа и разликата е очигледна. Се работи за политичкото искуство.
Откако започна Изборната кампања, секојдневно партиите и коалициите ја заоструваат својата реториката кон политичките противници, а со тоа ги продлабочуваат стравот и омразата кај народот.
Па како мислат да ги исполнат сите свои ветувања со нарушени меѓучовечки односи?
Секојдневно мафтаат со некакви напишани програми, кој со сини, кој со црвени корици, а освен промена на бојата не слушаме ништо ново.
Слушаме дека федерализацијата на Македонија им стана главен адут во кампањата, зарем на тој начин можат да останат недопрени и меѓуетничките односи?
Коалицијата ВМРО за Македонија е пред еден нов предизвик, пред најголемата битка во Македонија, битката со која ќе се ослободиме од стравот и стегите, кога ќе почнеме сами да размислуваме, да носиме одлуки од кои ќе произлезат нови идеи, кои ќе допринесат за развој на севкупното општество.
Како значаен дел од новата Влада на Република Македонија (секако дека ниту можеме, ниту пак сакаме да освоиме 63 пратеници како што некои лидери фантазираат), ќе бидеме коректор и главен стожер на истата, пред се за сенародно помирување, обединување и заедничко трасирање на патот на Македонија, кон Европската Унија и НАТО.
Немаме намера никого да обвинуваме ниту да се реваншираме, но затоа ќе му овозможиме на Специјалното Јавно Обвинителство и останатите судови кои новата власт ќе ги реформира и демократизира, непречено да си ја вршат својата работа и секој кој се огрешил и и направил зло на Македонија и македонскиот народ, да си одговара согласно Уставот и законите на Република Македонија.
Како коалиција ВМРО за Македонија, морално право и обврска ни е да го вратиме сјајот и да ги обелиме четирите свети букви на историското В М Р О за кое во Македонија се пролеани реки од крв, а во последните десетина години истите тие букви беа оскрнавени исклучиво за ситнопартиски и лични интереси.
Секој вистински македонец, патриот и родољуб, кој искрено ја сака Македонија, знае да ги цени и почитува вредностите и да оддаде вистинска почит на сите оние кои ги дале своите животи за слободата на Македонија, а е спремен искрено да се посвети на напредокот и развојот на земјата, може да се пронајде единствено тука , кај нас.
Цврсто сум уверен дека коалицијата ВМРО за Македонија ќе тргне на вистинскиот пат, со вистинските луѓе.
Почитувани граѓани заокружувајќи го бројот 9, ќе покажеме дека сме сите ЗАЕДНО ЗА СИЛНА МАКЕДОНИЈА !!!