Јавно обраќање на #Протестирам и #ШаренаРеволуција до судиите на Уставниот суд на Република Македонија: Застанете на страната на правдата!
„Судии, денес, ќе треба да одлучите дали да поведете постапка по иницијативата за преиспитување на уставноста на Одлуката за распуштање на собранието. Да ве потсетиме дека, таа Одлука беше донесена пред рокот предвиден за нејзино донесување односно 60 дена пред датумот на избори и без притоа да се води сметка за фактот дека услови за фер и демократски избори во Република Македонија НЕМА! Непрочистен избирачки список, неспроведени реформи во медиумите и сеуште висок степен на корупција и неодвоеност на партијата од државата.
Денес, конечно ќе треба навистина да ја одиграте својата улога на заштитници на правата и слободите на граѓаните и да застанете на страната на правдата и законот.
Бруталноста на таа одлука и бескрупулозноста во спроведувањето на намерата да се оди на избори во услови на целосно укинување на правната држава, претставува чин на сурова диктатура! Притоа, не заборавајте дека ќе треба да одлучувате по иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Иницијатива поднесена со намера да се спречи дејствувањето на СЈО односно спроведувањето на кривичната правда за бившиот премиер и останатите членови на неговото злосторничко здружение. Произнесувањето на Уставниот суд и за оваа иницијатива е од суштинско значење за натамошниот развој на политичката криза во Македонија и не случајно е дел од барањата на Шарената револуција и Протестирам!
Да ве потсетиме исто така, дека на 5 ти март 2016 година на затворена седница, во невообичаено краток временски период, се одлучи по иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за помилување. Дел од Вас гласаа ЗА и така се донесе одлуката за целосно укинување на Законот за помилување. Го сторивте тоа по директива на власта и понатаму Претседателот Иванов донесе одлука за помилување која веројатно е единствен пример во историјата каде што претседател масовно помилувал организирано кршење на човековите права и слободи односно веќе осомничени лица за повреда на слободата на избори, приватноста, корупција и други злоупотреби. Му помогнавте на претседателот да се стави над правото, над парламентот и над Пржинскиот договор но со тоа суштински се попречи и постапувањето на Специјалното јавно обвинителство кое е надлежно да ги гони кривичните дела поврзани со нелегално прислушуваните разговори.
Со тоа, Претседателот Иванов се стави на располагање на Владата на ВМРО-ДПМНЕ како почесен член на злосторничкото здружение одговорно за рушењето на правната држава и демократијата во Република Македонија.Денес, треба да се ставите над интересите на злосторничкото здружение и да донесете одлука која ќе ги врати кредибилитетот и довербата на граѓаните во Уставниот суд.
Денес треба да победат правдата и законот“, се вели во обраќањето на Протестирам и Шарената револуција.