Миле Јанакиески рече дека е жртва на прислушувањето и тврдеше дека не добил покана, па затоа не се појавил пред судот.
„Никаде не пишува што е јавниот интерес“, рече Јанакиески и додаде дека СЈО му дава легитимитет на прислушувањето и го заобиколува Законот за кривична постапка.
„Ако се одобрат бомбите ќе се направи правна несигурност за граѓаните.“, смета Јанакиески.
Тој тврдеше дека му биле прислушувани три телефонски броја, а еден од нив бил од член на неговото семејство.
Апелациониот суд во Скопје на јавна седница расправа дали прислушуваните материјали ќе бидат доказ во постапката за предметот за изборни измами „Титаник“. Доказите во овој предмет на СЈО се содржани на 101 страница, меѓу кои на листата ги има и бомбите. Во „Титаник“ се обвинети 21 лице, меѓу кои првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексминистрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, пратеникот Илија Димовски, Билјана Бошковска-Бришкоски, Мартин Протоѓер, Мунир Пепиќ, Кирил Божиновски.
СЈО во овој случај бара и конфискација на имотот на Никола Груевски, Мартин Протоѓер и на Илија Димовски во вредност од 2,2 милиона евра.
В.М.