Како претседател на Република Македонија и она што е најважно, најголема поддршка ќе имаат младите лекари, по готово специјализантите коишто навистина во Република Македонија не наоѓаат на разбирање токму од здравствените власти и од Владата. И можете да замислите еден специјализант кој специјализира шест години да биде без здравствено осигурување, а токму да работи во здравствениот сектор, изјави претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.
– Тоа е апсолутно недозволиво. Здравствените работници, по готово младите луѓе, не смееме веќе да дозволиме ниту еден млад лекар да се отсели од Република Македонија! Тие треба да добиваат, за време на специјализацијата, пристојна плата, за време на обуките коишто ги имаат, за да тие потоа го преземат теретот на здравството на Република Македонија.
Инсистирам да придонесот за здравствено осигурување се врати на 13%. Тоа значи дека ќе имаме средства доволно и за покачување на платите во здравството и за обезбедување на материјални услови и за специјализација и за праќање во странство на здравствените работници, како и она што е најбитно, за набавка на нова опрема и усовршување на нови методи, инвазивни и неинвазивни методи за лечење на пациентите, како би можеле во што пократок рок повторно да се вратат во функционална способност, односно да се вратат луѓето на своите работни места.
Исто така, упатувам најсериозна критика до оние што се крајно неспособни да 15 години се договараат да изградат клиничка болница и не можат да се договорат за процентите. Најсериозна критика затоа што десет години не можеме да ја изградиме клиничката болница во Штип, тоа се најсериозни критики што треба да ги имаат едни здравствени власти и згора на тоа уште бараат повторно поддршка од граѓаните за да продолжат со својата неспособност и неработење.
Мојот предлог е: Дајте да изградиме болница по НАТО-стандарди и да стане регионална НАТО-болница во којашто ќе добиеме логистика, во којашто ќе добиеме опрема, во којашто ќе добиваат луѓето специјализации и во којашто ќе има и ќе може да се лечи комплетно безбедносниот сектор на Република Македонија и во исто време таа болница ќе внесува нови знаења и во исто време ќе носи приходи на Република Македонија.
Значи, здравствениот сектор со намалување на придонесите од 13% на 7,6% буквално го уништивме и дојдовме на најниско рамниште. И во оваа ситуација кога ни се отселуваат и ни бегаат здравствените работници, не само универзитетските професори, не само специјалистите, туку бега и оној среден кадар и медицински сестри и така натаму. Значи ние мораме да направиме сѐ, ниту еден повеќе здравствен работник да не ја напушти Република Македонија, туку да создадеме материјални услови и претпоставки за да овде ги лечат граѓаните на Република Македонија, истакна Јакимовски.