ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против М.А. (46) од Скопје, поради сомнение дека сторил кривично дело „измама“.
Според информациите, на 4 ноември 2025 година, пријавениот измамил жена од Прилеп за сума од 2.000 евра и 1.000 американски долари. Тој лажно се претставил како инспектор во странство и ѝ соопштил дека нејзините внуци биле вмешани во сообраќајна несреќа во која загинало дете.
Измамникот побарал пари за наводно да „среди“ случајот и да спречи нејзиниот внук да заврши во затвор. Оштетената ги оставила парите на претходно договорено место.
По преземени мерки од страна на полициски службеници од СВР Битола и Одделот за криминалистичка полиција, осомничениот е лишен од слобода, а од страна на надлежен судија му е одредена мерка притвор.
