Заврши изградбата на тротоарска патека од десната страна на улицата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во Делчево, на потегот од крстосницата кај ветеринарната станица кон урбаната заедница „Стар расадник“ која е во должина од стотина метри.
Како што соопшти општина Делчево, изградбата на пешачката патека е на барање на жителите од населбата со цел поголема безбедност на пешаците и поголема прегледност на возачите.
Раководителот на Одделението за урбанизам од општина Делчево Горан Петровски информира дека со разбивањето на постојната карпа се отворил простор за изградба на оваа тротоарска патека.
– Активностите почнаа веднаш откако се подобрија временските услови, а се на барање на жителите кои секојдневно гравитираат во овој дел на градот. Во изминатиов период во овој дел од градот се изврши рехабилитација на дел од улицата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ на спојот со улицата „Маршал Тито“ и изградбата на нов армирано-бетонски потпорен ѕид од страната на ендекот со што се стабилизираше трупот на коловозот, кој претходно беше еродиран од дејството на водата во самиот ендек, истакна Петровски.
Средствата за изградбата се обезбедени од буџетот на општина Делчево.