Светскиот македонски конгрес (СМК) денеска во Скопје ќе го одржи 26. Изборно генерално собрание.
На Генералното собрание во Музејот на ВМРО, како што соопшти СМК, ќе биде упатен повик за семакедонско помирување и обединување за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата. Ќе бидат избрани извршни избори на сите органи и работни тела на СМК за мандатниот период од 2016-2020 година.
– СМК ќе ги обнови барањата за безусловен крај на разговорите за името со владата во Атина, продолжување на членството на Македонија во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под единственото државно и историско име Македонија, репатријација, реституција и реконсилијација, безусловен прием на македонско државјанство за сите Македонци по потекло во светот и враќање на државјанствата, граѓанските имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година, се наведува во најавното соопштение на СМК за денешното Генерално собрание.
На 14 август 2016 година (недела) во дворот на црквата Свети Спас под Калето со почеток во 10.00 часот ќе биде одржана панихида за сите знајни и незнајни јунаци и борци за слободата и обединувањето на Македонија, комеморација за жртвите од британското напалм бомбардирање на Грамос и Вичо во 1948-1949 година, и одбележување на 123 години од формирањето на ВМРО во Солун во 1893, 117 години од формирањето на Македонскиот конгрес во Женева во 1899, 113 години од Илинденското востание во Крушево во 1903, 103 години од поделбата на Македонија со Договорот во Букурешт во 1913, 72 години од АСНОМ во манастирот „Свети Отец Прохор Пчињски“ во 1944, и 67 години од крајот на Граѓанската војна во Грција 1946-1949, информира СМК.