Ивановска за кривичната пријава за несовесно работење: Секогаш сме пред една голема лекција за демократија

Од:

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, која објави кандидатура за градоначалничка на Центар како кандидат на Независни заедно“, денеска беше на распит во Обвинителство во врска со кривична пријава против неа.

Ивановска, во изјава за медиумите, по нејзиниот распит во Обвинителство, рече дека била повикана поради кривична пријава за несовесно работење по член 353, додека била претседателка на Антикорупција, нагласувајќи дека не може да сподели за кој предмет точно се однесува за да не попречува на работата на Обвинителство.

-Обвинета сум дека наводно начинот на кој што ние сме ги отворале предметите во ДКСК и споделувањето на информациите во јавноста, било на некој начин, спорно за пријавителот. Денеска на средбата со обвинителката јас појаснив на кој начин ДКСК ги оформува предметите. Во конкретниот случај бил отворен предмет по сопствена иницијатива, на член на нашата комисија. Предметот се работел, на крајот предметот е без некои наоди и постапката е завршена без никакви сомнежи понатаму, но она што било спорно за пријавувачот е на кој начин ние сме комуницирале со јавноста, изјави Ивановска.

Според Ивановска, нема ништо спорно, нагласувајќи дека на обвинителката убаво и објаснила како постапува ДКСК, која е улогата на Претседателот на ДКСК дека ги потпишува одлуките кои се носат колективно со мнозинство од членовите, без разлика дали е тоа за отворање или затворање на предмет.

– Пријавата е до мене бидејќи јас сум потписник. Од познат подносител е, не е анонимна. Не ме прашувајте понатака. Не е убаво од моја страна да им попречувам во процедурата, изјави Ивановска.

Во однос на поканата која ја доби во истиот ден кога ја објави кандидатурата за градоначалник на Општина Центар, Ивановска рече дека мислењето на јавноста за ефикасноста на јавното обвинителство е такво, какво што е и тоа остава простори за сомнежи, не кај мене, туку општо кај граѓанството“.

-Ако јавното обвинителство постапувало секогаш ревносно и за кратко време ги доставувало пријавите што треба, тогаш никој немало да се посомнева, зошто сега или зошто утре, задутре. Од тука произлегуваат сомнежите. И мене ми е прашањето дали сите пријави кои што биле архивирани на 25 јули се доставени на 14 август и тоа од страна на полиција, изјави Ивановска.

Прашана дали останува сомнежот дека има поврзаност со нејзината изборна кандидатура, Ивановска рече дека не сака да верува во тоа“ и дека само кажала што и се случило.

-Знаете како е. Ние секогаш сме пред една голема лекција за демократија и мора да ја учиме демократијата. Мораме да оставиме слобода и волја на граѓаните, слободно да мислат и да размислуваат. И тоа е тоа. Предизборието е секогаш можност да направиме проценка до каде сме со нашето растење. Еве и ова е една од тие лекции, изјави Ивановска.

Би можело да ве интересира

По реакцијата на Ивановска, дадена и е можност исказот во Обвинителство да го даде по изборите

Билјана Ивановска, кандидат на „Независни заедно“ за Центар заработи кривична пријава

Поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска е кандидат за градоначалник на Центар од „Независни заедно“

Горан Наумовски

Ивановска за „Дипломатските пасоши“: Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам

Ивановска очекува Комисијата за селекција да не дозволи притисоци при изборот на новиот состав на Антикорупциска

Ивановска: Неказнивоста и невладеење на правото во системот е причина за критичкиот извештај на ЕК