Вашиот глас в недела одлучува каква Македонија ќе имаме, како ќе продолжиме со реформите, со промените, како ќе продолжиме да ја градиме економски, силна, просперитетна и европска Македонија, истакна вечерва на митингот во Бутел, кандидатот за претседател на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата Ѓорге Иванов.
Барајќи ја довербата од граѓаните на Бутел, тој им се заблагодари за поддршката во првиот изборен круг и ги повика да излезат масовно на 27 април да го дадат својот глас на него, за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата „За подобра Македонија“.
Граѓаните, забележа Иванов, научија да прават разлика меѓу оние што се натпреваруваат со убави зборови, со празни ветувања, и тие што даваат конкретни програми и отчет, за повторно да добијат доверба. Да бидеш избран од граѓаните, за него е голема одговорност.
– Пет години како Претседател на Република Македонија, бев со граѓаните и одговорно ја вршев функцијата. Секоја своја одлука, секој мој искажан збор и изнесен став – и дома и надвор, беше затоа што од вас го имам вашиот глас. Да бидам ваш глас. Да го претставувам тоа што вие го сакате и го посакувате за Република Македонија, нагласи Иванов.
Тој повтори дека не прифаќа промена на Уставот, со цел да се промени уставното име – Република Македонија и оти не прифаќа идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, јазик и модел на соживот.
Довербата меѓу граѓаните и институциите, според Иванов, се гради секојдневно, со секое дело и она што останува зад нас.
– Покажавме дека Македонија може да успее. Но и секој може да успее во Македонија. За тоа сведочат странските и домашните инвеститори, за тоа сведочат успесите што ги постигнува секој во Македонија. Покажавме дека можеме да водиме одговорна економска политика, бидејќи работевме заедно, настапувавме како тим, покажавме дека институциите во Македонија, не само што треба да соработуваат, туку мора да соработуваат во интерес на граѓаните, нагласи Иванов.
На 27 април, додаде, имаме исклучителни избори, кога од гласот на граѓаните зависи, каква Македонија ќе градиме.