Иван Огњановски, 54-годишниот пациент на кого во мај годинава му беше трансплантирано срце од починат донор, е во добра здравствена состојба. Тој е насмеан и полн со енергија, објави министерот за здравство Венко Филипче, откако Иван бил на контрола на Клиниката за државна кардиохирургија.
Иван е првиот пациент во земјава на кого му беше трансплантирано срце.
„Одлично се чувствувам. Комплетно сум задоволен од целиот лекарски тим на Клиниката. Тие сега се и мои другари. Постојано се слушаме на телефон и ме прашуваат како сум. Еднаш неделно одам на контрола и примам терапија. Им се заблагодарувам од срце за сѐ што сторија за мене, особено и на моето семејство кое ми беше најголемата поддршка да го издржам целиот овој период. Повторно ќе го живеам животот со полни гради, затоа што животот е еден!“, изјавил тој.
На Огњановски му беше трансплантирано срце од починат донор – стануваше збор за 43-годишна жена која загина во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство се согласи да го донира срцето и двата бубрега.
Првата првата кадаверична трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор беше извршена од тимот од тројца кардиохирурзи под водство на проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување, воедно и Национален координатор за трансплантација.