ХОПС: Институциите немоќни, граѓанскиот сектор ги обезбедува неопходните услуги за младите во ризик

Од:

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје денес (24.01.2017) во ЕУ Инфо центарот организираше промоција на наодите од истражувањето „Децата и младите во ризик во Република Македонија – рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?“.

Истражувањето е помеѓу првите активности на регионалната Мрежа за социјално зајакнување на млади во ризик (ARYSEN – At Risk Youth Social Empowerment Network) која е составена од организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Македонија со поддршка на Европската Унија.

Преку идентичен методолошки пристап, во втората половина од 2016 година во сите земји беше анализирана достапноста на сервиси и постоењето на национални политики поврзани со социјална и здравствена заштита, образование, вработување и безбедност за следните групи: деца и млади без родители и родителска грижа; деца и млади Роми; деца и млади во конфликт со законот; деца и млади кои употребувале или сè уште употребуваат психоактивни супстанции; деца и млади од улица; и млади кои потекнуваат од семејства кои имаат историја на користење психоактивни супстанции и/или се во конфликт со законот.

Наодите од истражувањето во Македонија покажаа дека не постои унифициран меѓуресорски пристап за препознавање, документирање и следење на децата и младите во ризик. Иако дел од надлежните институции имаат воспоставено електронски бази на податоци, видливо е неконзистентно бележење на услугите, што пак ја оневозможува проценката на потребите на ранливите категории на деца и млади.

За поздравување е тоа што голем број од институциите имаат пишани документи, стратегии и програми, каде што се дефинирани или опфатени децата и младите во ризик, но отсуството на податоци за реализација на сите акции предвидени во тие документи го попречува следењето и оценувањето за спроведувањето на зацртаните политики. Добра пракса за бележење на податоците за децата и младите во ризик се забележува единствено во документацијата и работата на Државниот совет за превенција од детско престапништво и на Народниот правобранител.

Во недостаток на координиран и суштински институционален пристап кон потребите на децата и младите во ризик, дел од неопходните услуги ги обезбедуваат здруженијата на граѓани. Иако во граѓанскиот сектор постојат солидни професионални капацитети, тие имаат ограничени овластувања за работа со ранливи категории на деца и млади.

Нивните активности се претежно финансирани од меѓународни извори, а државата многу малку инвестира во развојот и одржливоста на услугите кои ги обезбедуваат граѓанските организации. Дел од локалните власти имаат воспоставено добра практика за соработка со граѓанскиот сектор, па таквите иницијативи треба да се препознаат и усвојат од страна на поголем број на општини.

Посебно загрижува инертноста на институциите за решавање на поблемите на малолетниците кои употребуваат дроги. Имено, ХОПС многу години наназад предупредува за зголемување на бројот на малолетни корисници на дроги кои се соочуваат со значително нарушување на нивното здравје. И покрај организирањето на повеќе тркалезни маси, конференции и студиски посети за собирање на искуства од други земји, надлежните немаат превземено конкретни чекори за решавање на овој проблем. Иако Министерството за здравство изработи протокол за лекување на малолетни корисници на дроги, истиот веќе две години е во подготвителна верзија и сè уште не е усвоен.

Во меѓувреме, ХОПС мораше да формира теренски тим за поддршка и работа со овие деца. Тимот до сега има исконтактирано вкупно 85 малолетници кои употребуваат дроги, од кои најмладото кое користи дрога со инјектирање има само 8 години. Само во 2016 година, теренскиот тим има исконтактирано 33 деца, од кои 7 се нови корисници. И покрај заложбите од ХОПС, во 2016 година ниту еден малолетник не започнал со лекување на зависноста, пред сè заради возраста и административни бариери.

За илустрација на проблемите со лекувањето на малолетните корисници на дроги го споделуваме случајот на 16 годишно девојче сместено во Јавната установа за згрижување деца со социјално – воспитни проблеми „25 Мај“ кое извесно време употребува дроги. Таа е контактирана од страна на тимот на ХОПС во 2016 година во стадиум на бременост.

Во периодот од две недели потребен за институцијата да обезбеди согласност од родител за лекување, девојчето е препраќано меѓу Центарот за превенција и лекување на злоупотреба на дроги и други психоактивни супстанции при Психијатриската болница – Скопје и Клиниката за токсикологија, кои се единствени установи што обезбедуваат супститициско лекување на опиоидна зависност.

Но во дневните центри за превенција и лекување на болести на зависности не примаат лица под 18 години, согласно статутот на ЈУ Психијатриска болница Скопје – Скопје, додека во Кликата за токсикологија нема психијатар за да направи процена и да даде препорака за лекување, а Клиниката за психијатрија не работи со болести на зависност.

Во тоа време, девојчето доживеа спонтан абортус и изгуби мотивација за лекување. Сега е на улица и продолжува да инјектира дроги. Доколку постоеа соодветни програми за лекување на малолетни лица кои употребуваат дроги, овој трагичен настан можеше да се избегне.

Поради сето ова, повикуваме:
– Надлежните институции, пред сè Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Минстерството за образование и наука и Министерството за правда, преку меѓусебна соработка и вклучување на останатите засегнати страни, да заземат координиран пристап кон потребите на децата и младите во ризик во Македонија кој ќе резултира со сеопфатни услуги и отчетност за спроведувањето на зацртаните политики;
– Министерството за здравство во најкраток можен рок да го финализира и усвои протоколот за лекување на деца кои употребуваат дроги;
– Да се формира мултисекторска работна група која ќе изработи програма за лекување, ресоцијализација и грижа за децата кои употребуваат дроги.
– Да се отворат интегрирани програми за лекување, ресоцијализација и грижа на децата кои употребуваат дроги.

Би можело да ве интересира

Коалиција Маргини: КСЗД треба да ги штити правата на маргинализираните граѓани, а не профитот на приватните компании

Ана Ололовска

Маргини и ХОПС: Пресуда против Северна Македонија, ЕСЧП ги штити правата на луѓето кои употребуваат дроги

Ана Ололовска

ХОПС ќе ги соопшти резултатите од Креативната акција за општествени промени

Ана Ололовска

„Грижата за туѓото здравје е грижа и за своето“ – Онлајн дискусија

Ана Ололовска

ХОПС: 19 отсто од младите пробале психоактивни супстанции

Ана Ололовска

Промоција на книгата „Скриениот херој во секое дете“

Ана Ололовска