Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија го следeшe вчерашниот протест на граѓаните со оштетен слух (глуви и наглуви лица), кој беше одржан пред Министерството за труд и социјална политика и пред Националниот сојуз на глуви и наглуви лица. Врз основа на барањата на оваа категорија граѓани, Комитетот ги нотираше проблемите со кои тие секојдневно се соочуват при социјалната инклузија но и пред институциите.
Во продолжение ви го пренесуваме денешното соопштение на Хелсиншкиот комитет во врска со ова прашање:
Нивниот револт се должи на нетранспарентната работа на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, неговото раководство и начинот на кој им се овозможува пристап до права како членови на Сојузот, иако согласно активностите се предвидува овозможување на правна помош и советување за засегнатите лица. Поради ова, беше побарана оставка од претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица како и ревизија на работењето на Сојузот, од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Една од поважните причини за нивниот револт е и бројот на толкувачи запишани во регистарот кој го води Министерството за труд и социјална политика, односно на околу 6000 глуви и наглуви лица – 12 толкувачи на цела територија на Република Македонија.
Работењето на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија е регулирано со Законот за употреба на знаковниот јазик во кој е утврдена и соработката со Министерството за труд и социјална политика, особено во делот на обучувањето на толкувачи и нивно стекнување со сертификати за работа. Со оглед на тоа што Министерството за труд и социјална политика е задолжено да врши надзор на спроведувањето на овој закон, тоа е обврзано да ја следи и работата на Сојузот при спроведувањето на активностите во делот на обезбедување секаква можна помош за лицата со оштетен слух, вклучително и постапката за стекнување на сертификат за толкувач.
Комитетот изразува загриженоста за пристапот до права и правда на оваа категорија на граѓани особено затоа што Република Македонија со ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост има обврска да обезбеди услови за целосен пристап и остварување на граѓанските, политичките, економските, социјалните и културни права. Од особена важност е граѓаните да бидат информирани за нивните права согласно домашното и меѓународно законодавство, а институциите да ги почитуваат тие стандарди и правила.
Хелсиншкиот комитет го поздравува ревидирањето на Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност 2010-2018 и истовремено потсетува на нејзиното систематско имплементирање во пракса, за да не се дозволи оваа категорија на граѓани да останат невидливи, затворени во своите домови и без можност за социјализација и интеракција во општествениот живот.
За таа цел, Комитетот ќе обезбедува бесплатно правно советување на оваа категорија на граѓани и ќе ги информира за нивните права и обврски како и за воспоставување на комуникација со државните институции согласно националното законодавство.