Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека обезбедил бесплатна правна помош на граѓанскиот активист Никола Наумовски, кој денеска, како што наведува Комитетот, бил попречен во практикување на правото на слободно изразување.
„Додека Никола Наумовски лепел налепници со содржина против законските измени за хонорарците на јавно место, бил спречен од страна на новинар кој работи во Радио слободна Македонија да го изрази својот став. Новинарот освен вербално и физички го нападнал Никола Наумовски, поради што била повикана полиција. За целиот настан постои видео запис. Претставници од Хелсиншкиот комитет беа повикани од страна на Никола Наумовски и го следеа постапувањето на полицијата. Дополнително, барање за разговор беше добиено и од страна на новинарот, кој најави дека до Хелсиншкиот комитет ќе испрати претставка за настанот и ќе бара правна помош“, соопшти Хелсиншки.
Комитетот изразува загриженост за ограничувањето на правото на слободно изразување на посочениот активист.