Хелсиншкиот комитет за човекови права, остро реагира на одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за помилување .
„Оваа одлука практично претставува најава за она што на следната седница ќе се случи, а тоа е укинување на Законот со кој се утврдува дека помилувањето не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и врз основа на кој се формираше Комисијата за помилување.
Ваквото законско решение беше донесено заради заштита на јавниот интерес и процесот на демократизација како и поголема правна сигурност на граѓаните, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Оттука, симптоматично е што Уставниот суд денес одлучи дека има потреба за оценување на уставноста на овој закон, особено ако се земе предвид фактот дека оваа иницијатива е поднесена на почетокот на месец фебруари 2016, веднаш по отварањето на случајот „Титаник” од страна на Специјалното јавно обвинителство, во кој во својство на сомничени за изборни измами се поранешните министри Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска и останати лица блиски до владејачката коалиција.
Брзината на постапувањето која денес ја покажа Уставниот суд во овој случај е единствен пример за брзо постапување по одредена иницијатива, со што многу транспарентно се разоткрива неговата улога на инструмент за одбрана на партиските интереси на владејачката коалиција.
Во конкретниот случај не изненадува што Владата и Собранието на РМ дале мислења дека законското решение е во согласност со Уставот, поради тоа што владејачката коалиција била таа која го предложила и изгласала овој закон во 2009 година, се со цел да ги ограничи ингеренциите на тогашниот претседател на РМ, кој доаѓаше од редовите на опозициската партија. Напротив, она што изненадува е фактот што и покрај ваквите мислења Уставниот суд дозволува да биде искористен од страна на партиите на власт и да поведе постапка за законско решение кое може да се толкува во позитивна насока, особено во делот за изборите.
Она што исто така треба да се земе предвид е и фактот дека со укинувањето на ова законско решение, ќе се укине и Комисијата за помилување, која требаше да обезбеди минимум транспарентност и експертиза во одлуките на Претседателот во делот на помилувањето.
Од овие причини го повикуваме Уставниот суд да се издигне над партиските и индивидуалните интереси и да донесе одлука со која нема да утврди неуставност на законот и нема да го укине. Уште еднаш потенцираме дека со тоа нема да се остави можност лицата кои се осудени за изборни измами да можат да бидат помилувани, со што ќе се заштити општествениот и државниот интерес и ќе се обезбеди простор да може повторно да се гради правната сигурност и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.