Бројот на полициски службеници присутни во кампот во Гевгелија е значително намален, односно преполовен, што во одредени ситуации претставува проблем, бидејќи бројот на присутни полицајци не е доволен за да се одржува редот и спроведувањето на поголем број бегалци, како и да се гарантира безбедноста на волонтерите и организациите на терен, реагира Хелсиншкиот комитет.
„Однесувањето на кондуктерите на Македонски железници е коректно, со тоа што при качувањето во возовите им даваат предност на жени и деца. И понатаму продолжуваат недоразбирањата околу цената на билетите при промена на валути и враќањето на кусур помеѓу бегалците и кондуктерите. Во последните денови од неделата, припадници на Посебна единица за поддршка, го заменуваат присуството на Единицата за брзо распоредување. Не се забележани пропусти и неправилности во нивното постапување“, се вели во соопштението.
Во Куманово кон средината на неделата, кампот беше потполно празен поради штрајкот на грчките морнари. По само два празни денови, таквата состојба се промени, односно во кампот започнаа да пристигнуваат поголем број бегалци и истите веднаш да го напуштаат.
„Иако голем дел од бегалците се обидуваат да го искористат денот и што побрзо да го напуштат кампот, делот од нив кои се со деца и мораат да одморат остануваат и во ноќта, и покрај недостаток на греење во кампот. Во подготовка е објект- детско село, на кој интензивно се работи секој ден, за што побрзо да биде пуштен во употреба“, се вели во соопштението.
При крајот на неделата, посета оствари тим од УНХЦР од Женева, кои правеле проценка на теренот и неговите капацитети и потреби, со цел да се утврди како може да се помогне за подобрување на условите во кампот.
Од Хелсиншкиот комитет објаснуваат дека расправии и недоразбирања меѓу бегалците се случуваат додека се дели храната или додека се качуваат во возот.
„Во случаите кога настанува физичка пресметка, поради слабото присуство на полицијата, активистите и волонтерите на терен се принудени да ги разделуваат. Во посебен инцидент, двајца бегалци кои се движеле кон Србија биле ограбени од страна на вооружена група со пиштоли и ножеви. Бегалците се обратиле до полицијата и го пријавиле случајот. Во нападот им биле одземени сите лични работи кои ги имале на себе и сите пари, па бегалците не биле во можност да го продолжат патувањето и се вратиле во кампот во Куманово. Полицијата која била на терен, веднаш се упатила кон посоченото место на настанот но сторителите не ги пронашле.
Една група од бегалците кои патувале со такси од Гевгелија до Куманово, пријавила дека припадници на гранична полиција им наплатиле казни од 20 евра бидејќи немале врзани каиши, но не им издале никаков документ или потврда за изречените казни“, забележуваат од Хелсинкиот комитет.