Хелсиншки: По некој пендрек и поскапи билети за бегалците

Од:

Протокот на бегалци во последните неколку недели е намален. Кампот во Гевгелија е значително проширен, поставени се неколку нови шатори, како и поцврста конструкција, која е наменета за згрижување на деца и мајки. Во кампот се поставуваа грејни тела на плин – тајфуни, во трите нови големи шатори, како и во две тенди близу железничката пруга и отворениот простор каде што се служи чај.

Ова е наведено во неделниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права за состојбата со бегалците на македонските граници.

„Ангажирани се нови 12 лица, кои се задолжени за одржување на грејните тела. Сепак, ноќите се значително студени, поради што има голема потреба од ќебиња.

Комитетот сведочи за насилство од страна на полицијата кон бегалците.

„При спроведувањето на бегалците во шаторите и кон билетарницата на Македонски железници, не ретко се применува палка од страна на одредени полициски службеници. Мал број полициски службеници се распоредени да контролираат поголема маса на луѓе (на пример, во една смена, 5 полициски службеници распоредуваа група од 930 бегалци), при што постојано се забележува нервоза и вербални судири. При најмало отстапување на поединци од групите, индивидуални полициски службеници, со употреба на палка се обидуваат да ги вратат назад во ред. Останатиот дел од службените лица (припадници на униформирана полиција или посебна единица за поддршка) својата работа ја извршуваат професионално, изразувајќи почит кон бегалците и укажувајќи помош доколку има потреба“, пишува во извештајот.

Хелсиншкиот комитет апелира до службените лица кои се распоредени на терен да го спречат непрофесионалното постапување на свои колеги кои не го почитуваат интегритетот и достоинството на бегалците, со цел да ги заштитат бегалците но и интегритетот на полициската професија во целина.

Во повеќе денови од неделата, не се дозволува бегалците да користат автобус или такси возила за превоз до Табановце, туку бегалците се задржуваат и по повеќе од 10 часа во кампот, се додека не се исполни (односно преполни) капацитетот на возот. Воедно, продолжуваат злоупотребите на поединци, вработени во Македонски железници кои наплаќаат билети на деца под 10 години, наплаќаат значително поголема сума од 25 евра за билет под изговор дека немаат кусур и дрско и понижувачки се однесуваат кон бегалците. Единствено кон крајот на неделата, една група од 214 бегалци, беа пропуштени со автобуси и такси возила.

Во Куманово, пак, континуирано се работи на проширување на кампот. Во двата големи шатора се поставуваат кревети за спиење, како и нов под. Исто така, поставени се и грејни тела на плин (тајфуни) кои се пуштени во употреба кон крајот на неделата.

„Најголем дефицит во кампот има од инвалидски колички. Пристигнуваат голем број инвалидни лица кои нема начин да се превезат, па најчесто нивните блиски ги носат на раце. Се појавува проблем со бегалците кои ги губат своите документи кога патуваат со воз во вечерните часови и преспиваат во возот. Тие не можат да продолжат кон Србија без документи, па понекогаш потребно е да се враќаат во Гевгелија за да добијат документи одново. Од страна на полицијата се прават напори телефонски да се проверува дали лицата биле регистрирани на граничниот премин во Гевгелија, па доколку се регистрирани им се издаваат документи“, пишува во извештајот.

Секојдневно пристигнуваат „економски мигранти“, кои преминале преку илегални премини и се движат пешки од Гевгелија до Табановце. Тие се изморени, гладни и во тешка состојба.

Хелсиншкиот комитет строго апелира до Министерството за внатрешни работи да се спречат кражбите од страна на лицата ангажирани во кампот, како и да се преземат мерки за гонење на сторителите на кражби и нивно преземање одговорност.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска