Хелсиншки: Контрола на судскиот систем, политички затвореници, говор на омраза

Од:

Во септемврискиот извештај, Хелсиншкиот комитет повторно укажува дека постапката за измена на Уставот се одвива во отсуството на демократска атмосфера и како никогаш досега овие измени на Уставот се спроведуваат со голема брзина, несоодветна консултација со јавноста и во отсуство на опозицијата од Собранието на Република Македонија.

-Неприфатлво е носење на крупни уставни измени без за тоа да постои соодветна стратегија и јасна цел. Според тоа, јавноста не само што не е запознаена со целите на уставните измени, туку не и се познати ниту последиците и промените кои овие измени ќе ги имаат врз општествениот живот. Понатаму, кусите и неиздржани образложенија на Нацрт амандманите укажуваат на неодговорниот пристап на Владата при креирањето на најзначаните правни акти, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

Во извештајот на Хелсиншкиот комитет се посочува и на системскиот напад на граѓанското општество во целост, а особено на активистите за човекови права, новинарите, интелектуалците и уметниците е без преседан.

-Во последно време тие напади се заоструваат преку дисквалификации, лаги и манипулации кои имаат за цел да се дискредитира секој обид да се мисли и говори поинаку од власта. Човековите права, стабилноста и мирот во Република Македонија се во загрижувачки лоша состојба. Тоа е констатација на сите релевантни организации и институции во светот и кај нас, велат од Хелсиншки.

Според комитетот, граѓанските организации во земјата со години алармираат на загрозувањето на демократијата и човековите права, но тие остануваат невидливи за јавноста поради масовната контрола на медиумите од страна на власта.

-Институциите се злоупотребени и целосно партизирани и работат исклучиво во интерес на партиите на власт. Границата меѓу институциите на државата и партиите на власт е избришана. Политичкиот дијалог е мртов со години, а нашата земја се вброи меѓу малкуте европски држави во кои се констатира постоење на политички затвореници и каде стравот да се проговори пред отворената закана од прогон и други видови притисоци од власта е силно присутен насекаде. Полицијата е милитаризирана и излегува на улиците со оклопни возила во полна воена опрема и не се воздржува од употреба на сила и бруталност за да спречи или задуши мирни протести.

Национализмот и верската нетрпеливост што ги промовираат двете партии на власт преку злоупотреба и контрола на институциите, помалите партии и медиумите предизвикува поделби, тензии и насилство меѓу етничките и верските заедници во земјата. Сето тоа го загрозува мирот, стабилноста на Република Македонија. Без дијалог и слобода нема мир! Воедно, ја повикуваме власта да престане со специјалната војна против граѓанското општество и да им даде простор на слободната мисла и делување, како што е пропишано во Уставот и меѓународните документи на кои се обврзала Република Македонија. Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани на Република Македонија да дадат поддршка на мирот, толеранцијата и почитувањето на човековите права и слободи со тоа што ќе ни се придружат во напорите за враќање на демократијата во земјата, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.

-Хелсиншкиот комитет ги следи состојбите со слободата на изразување во јавниот простор како и пристапот до објективни информации и разнолична содржина, без цензура и слобода во изразување на различни ставови во интерес на пошироката јавност. Исто така, Хелсиншкиот комитет ја следи транспарентноста на институциите со особен интерес на комуникацијата со граѓаните особено за прашања кои се од општествен интерес. Дополнително, Комитетот во изминатиот период ги анализираше состојбите и наводи за политичко влијание и цензура врз уредувачката политика на медиумите, новинарите но и членови на партиите во опозиција. Особено затоа што во изминатата година слободата на изразување и слободата на медиумите предизвикаа особен интерес поради несразмерното одредување на парични казни за одредени медиуми, првостепената пресуда изречена за новинарот Кежаровски, исклучувањето на јавноста од процесите на донесување на важните законски измени во делот на регулирање на радиодифузерите и новите ингеренции на реформираното независно тело. Овие појави во општеството водат кон воспоставување на целосна цензура и само-цензура на новинарите во обид да се воспостави целосна контрола врз уредувачката политика на медиумите оставајќи минимален простор за критичката мисла во голем дел сконцентрирана на интернет-базирани медиуми.

Покрај притисоците, Комитетот констатира дека слободата на изразување честопати се злоупотребува за политички цели и дезинформирање на јавноста особено за време на настани како што беа дво-месечните протести од страна на семејствата и поддржувачите на осудените лица во случајот „Смилковско езеро“. Комитетот забележа дека недостатокот на општествена одговорност при известување за чувствителни случаи особено за засегнатите страни во процесот доведоа до поголема ескалација на говорот на омраза кај учесниците во протестите, особено поради завршните зборови на јавната обвинителка која посочи на етничка омраза и националистички мотиви за извршување на делата. Поради протестите и тензичната атмосфера, Комитетот во периодот на месец јули и август забележа пораст на бројот на пријавени случаи за говор на омраза на платформата www.govornaomraza.mk.

Комитетот исто така изразува голема загриженост за судските пресуди како и злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност каде што се регулирани навредата и клеветата како повреди на честа и угледот особено за експресните пресуди донесени во полза на оштетените, честопати носители на високи јавни функции во извршната власт. Такви се случаите и барања за оштета за нанесена душевна болка од страна на министерката за внатрешни работи, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање барани од страна на медиуми кои ја критикуваат работата на извршната власт или членови на опозицијата вклучувајќи го и процесот покренат од страна на премиерот на РМ против претседателот на најголемата опозициска партија.

Оваа практика укажува на демонстрација на сила од позиција на моќ, влијание и контрола врз судскиот систем како и негативна порака до граѓаните дека критиката насочена кон извршната власт може да заврши со парична или друг вид на казна, истовремено засилувајќи ја цензурата во јавниот простор, констатираат од Хелсиншки комитет.

Целиот извештај може да го прочитате на следниот линк.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска