Хелсиншкиот комитет за човекови права бара одговорност од институциите кои потфрлија во превенцијата и справувањето со последиците од поплавата.
Хелсиншкиот комитет смета дека е сторен огромен пропуст во преземањето на превентивните мерки за заштита, како и во начинот на справување со елементарната непогода што го погоди подрачјето на градот Скопје.
„Надлежните државни органи, не ги преземале законски определените превентивни мерки. Процената на загрозеност од природни непогоди е застарена и не соодвествува со реалната фактичка состојба, никакво предупредување не беше упатено до граѓаните да се подготват за силното невреме, одводните канали и голем дел на канализациската мрежа не биле исчистени, а ниту пак биле изградени заштитни објекти.
„Органите на државните управи континуирано покажуваат дека не само што немаат капацитети да се справаат со оваа криза, туку и постапуваат спротивно на позитивните законски прописи. Ваквото постапување на органите на државната управа по настаната поплава и непреземањето на превентивните мерки за заштита, се директни виновници за црниот биланс на жртвите настрадани во оваа катастрофална поплава. Во овие моменти е најзначајно да се обезбеди помош и заштита на жртвите од поплавата, но Комитетот очекува надлежните институции во најкус можен рок да ги преземат потребните мерки за утврдување на одговорност кај надлежните институции и лицата кои придонесоа за потфрлањето на системот за превенција и заштита од поплави“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.