Сериозни нарушувања на слободите и правата на граѓаните, но и драстични повреди на принципот на владеење на правото и правната држава нотира годинешниот извештај на Хелсиншкиот комитет за 2013-та година.
Оценката за изминатата година покажува дека постои системски проблем во функционирањето на органите и институциите, но и злоупотреба на нивните надлежности. Во областа на судството, како што се вели во извештајот, намален е бројот на активни судски предмети, но се уште опстојуваат системските проблеми кои судството не може да ги надмине или пак се продлабочуваат.
– Од работата на Комтетот како набљудувач на судски постапки се констатирани повреда на пресумпцијата на невиност, праксата на изрекување на колективни, идентични и стереотипни решенија за притвор, непретставување на составот на судскиот совет, непочитување на решенијата на претседателот на Врховниот суд за снимање на главните расправи, исклучување на јавноста при распит на загрозен или заштитен сведок и надминување на роковите за изготвување на пресуди, повреда на правото на судење во разумен рок, но и надминување на роковите за објава и изготвување на пресуди – се вели во извештајот. Хелсиншкиот комитет ја потенцира нагласената употреба на скратената постапка за носење на закони во законодавниот дом, со која се избегнува учеството на стручната јавност, особено кога предложените закони се недоволно разработени и содржат премногу новини.
За мерката притвор или продолжување на притворот, пак, пишува дека понекогаш се користат како казнена мерка или метод на заплашување. Дискриминацијата за изминатата година била најзастапена врз основа на политичка припадност, етничката припадност кон ромската заедница и дискриминацијата по основ на сексуална ориентација.
– Зголемениот број на претставки за политичка дискриминација е резултат на спроведувањето на локалните избори во април 2013 година и промената на локалната власт во неколку општини – соопштуваат од Хелсиншки комитет.
Годишен извештај за состојбите во областа на човековите права во Република Македонија во 2013 година, можете да го прочитате на следниот линк.