Ја изразуваме нашата згрозеност и неизречиво жалење по повод вчерашниот напад врз геј клубот „ПУЛС“ во Орландо, Флорида, во кој животот го изгубија 50, а сериозно ранети беа уште 53 ЛГБТИ луѓе во Америка.Го изразуваме нашето сочувство кон сите пријатели, партнери и семејства на загинатите, кон сите нехетеросексуалци во Орландо и САД кои по среќа на случајот не се најдоа во „ПУЛС“ вчера, но кои во овој напад го гледаат одразот на долгоодржуваната омраза и насилство врз сексуалните и родовите малцинства.
Трагедијата што го шокираше светот вчера мора да биде именувана со вистинските зборови и разбрана во нејзината комплексност и историја. Станува збор за напад кој е одраз на историски и глобално креираната и одржувана хомофобија. Слика на долготрајните процеси на дехуманизација што го прават можен лудачкиот чин на ладнокрвно убивање на 50 луѓе, и пукање во уште толку други. Исход не само на радикалната страна на религиозното и фундаменталистичкото насилство, туку и на државното и системско насилство со кое се соочуваат нехетеросексуалците во Америка и речиси секаде во светот. Ова е првенствено хомофобичен напад.
И не смееме да заборавиме, хомофобијата НЕ Е ментална болест, ХОМОФОБИЈАТА Е ИСХОД НА ИСТОРИЈАТА НА ОПШТЕСТВЕНО, ПОЛИТИЧКО И КУЛТУРНО НАСИЛСТВО НА ЦЕЛ ЕДЕН СИСТЕМ, кое слободно можеме да го наречеме ХЕТЕРОФАШИЗАМ.Но, од друга страна, како акт на насилство кој се поврзува, дали како индивидуална инспирација или пак организирана акција, со ИСИС, овој чудовишен злостор е исход и на геополитичките инвазии на западниот капитал и наследството на империјализмот кое до ден денес се повторува во најразличните квазихуманитарни инвазии на „Западот“ врз земјите од „Истокот“. Токму затоа овој хорор мора да го гледаме и низ призмата на геополитичката насилна реторика на „заб за заб“, на магичниот затворен круг на акција-реакција во којединствениот исход се насилството, страдањето и смртта.И затоа, сега кога жалиме, мораме да сфатиме дека бесното интервенистичко и одмаздничко насилство не смее да биде реакција на оваа загуба и трагедија.
Додека жалиме, не смееме да се препуштиме ниту на фантазмот за сигурност обезбедена преку еректирањето на милитантниот и патерналистички државнички апарат преку суспендирањето на законот, селективното и расистичко таргетирање на одредени популации и укинувањето на универзалните човекови права на сите граѓани, како што засведочивме во реакциите на западните држави после претходните терористички напади потпишани од ИСИС.Нашето жалење во овој момент, нашата ранливост со која сме соочени мора да создаде поинакви политики, политики на грижа, на солидарност, на поддршка, а не политики на напад, окупација и насилство. Во оваа искусена ранливост и изложеност, тешките бариери помеѓу религијата, расата, етницитетот и нацијата мора да бидат надминати и да станат извор на алијанси за отпор против секое насилство.