Полицијата да биде внимателна при превезување бегалци и мигранти, припадниците на Министерството за внатрешни работи да бидат одговорни за безбедноста на сите присутни во транзитните кампови и истите да се опремат со интернет-конекција, затоа што тоа е единствен начин со којшто мигрантите имаат пристап до информации и комуницираат со семејствата. Хелсиншкиот комитет за човековите права на Македонија ги истакна овие препораки во своите извештаи во рамки на проектот Help on the Route за периодот од ноември до јануари.
– Македонската полиција мора да постапува според законот и да ги извршува своите овластувања секогаш кога е потребно. Ова се однесува на одговорноста што припадниците на МВР ја имаат кон сите присутни во транзитните кампови. Исто така, полицијата треба да запре со практиката на превезување поголеми групи мигранти во мали возила затоа што таа може да резултира со нечовечки и деградирачки третман. Дополнително, транзитните кампови треба да бидат опремени со интернет-конекција. За мигрантите тоа е единствена можност да се информираат, но можеби и позначајно, да бидат во контакт со своите семејства – истакнуваат од организацијата.
Хелсиншкиот комитет, исто така, за периодот од ноември до јануари, наведува дека има зголемена појава на нелегална депортација на бегалци и мигранти од Македонија во Грција. Организацијата нагласува дека ова мора да запре и во случаи кога се враќаат назад од земјава, тоа да се прави со почитување на законската процедура и преку соработка помеѓу полициските службеници од двете држави.
И покрај споменатите ситуации, општата состојба со бегалците и мигрантите во Македонија заклучно со јануари е стабилна, без поголеми инциденти.
– Во ноември и декември бројот на бегалци и мигранти во двата транзитни кампови не беше повеќе од 40. Во ноември имаше 125 бегалци од Пакистан, Алжир, Либија, Тунис и Сирија, а во декември 103. И двете групи беа депортирани во Грција. Во јануари 70 лица беа донесени во кампот во Гевгелија во краток временски период, по што беа пренесени во Грција. Околу 20 бегалци беа присутни во транзитниот камп во Винојуг, Гевгелија, но овој број полека се намалуваше. Во транзитниот камп во Табановце, Куманово, бројот на бегалците и мигрантите кои се сместени таму не е поголем од 30 – информираат од Хелсиншкиот комитет.
Организацијата истакнува дека во ноември и декември, полицијата регистрира пет кривични дела поврзани со бегалци, мигранти и криумчари, а во јануари МВР во дневните билтени забележа два случаи поврзани со бегалци и трговија со луѓе. Хелсиншкиот комитет за човекови права нагласува дека бегалците-жртви на криумчари не смеат да бидат задржани во Прифатниот центар за странци како сведоци во постапката против криумчарот. Ова претставува кршење на нивните права и нелегитимно ограничување на нивната слобода на движење.
Наведените препораки се дел од извештаите што Хелсиншкиот комитет го подготвува во рамки на проектот Help on the Route, што има за цел да го крене интересот на јавноста за позицијата и да ја подобри заштитата на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил, кои минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира „Фондацијата Ана и Владе Дивац“. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во овој проект заедно со Новосадски хуманитарен Центар и Здружение на самарјанските работници. Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски невладини организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.