Хелсиншки: Демант, извинување и повлекување на статијата по прес конференцијата на „СОС“

Од:

Хелсиншкиот комитет за човекови права упати демант до медиумите кои објавиле статија под наслов „Организациите на Сорос со години наназад добивале милионски суми пред изборите во Македонија“.

Статијата е објавена по прес-конференција организирана од три лица кои во јавноста се претставуваат како „Граѓанско движење Стоп Операција Сорос“ (СОС).

За време на прес-конференцијата беа изнесени голем број на лаги, навреди и клеветнички изјави, велат од Хелсиншки.

„Според СОС, Хелсиншкиот комитет била крајно партизирана и политизирана организација која работела на политичка агенда во корист на опозициската СДСМ, а дел од донациите што ги добивала од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) ги префрлувала на други помали невладини организации низ државата. Според ова „граѓанско движење“, Хелсиншкиот комитет во „критичниот период“ (алудирајќи на изборните кампањи од 2012 до 2016 година), од ФООМ добила донација од преку 200.000 евра кои биле користени за предизборната кампања во корист на СДСМ. Според СОС, првите луѓе на Хелсиншкиот комитет – Гордан Калајџиев, Уранија Пировска и Мирјана Најчевска биле секогаш први на протестите организаирани од СДСМ.

Ваквите тврдења не само што не се точни, туку се насочени и кон омаловажување на угледот на нашата организација и повреда на честа и угледот на нејзините членови. Хелсиншкиот комитет е организација за промоција, унапредување и заштита на човековите права и не служи за потребите на политичките партии. Во времето кога беше опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините високи функционери, вклучително и поранешниот премиер Никола Груевски, беа во континуиран контакт со нашата организација што говори дека верувале во капацитетот на организацијата, нејзината неутралност и улогата на коректив на власта. Оваа писмена комуникација сè уште се наоѓа во нашите архиви. Денес, преку СОС, ВМРО-ДПМНЕ врши директен атакт врз кредибилитетот и угледот на Хелсиншкиот комитет и бранителите на човекови права.

Имено, не е точно дека Комитетот префрлувал средства на ФООМ кон други невладини организации, како што не е точно дека за време на предизборните кампањи од ФООМ биле исплатени донации од над 200.000 евра, ниту пак дека професорката Мирјана Најчевска е актуелен член на Хелсиншкиот комитет. Протестите на кои учествувале претседателот – професор Гордан Калајџиев и извршната директорка – Уранија Пировска не биле организирани од страна СДСМ, а дури и да биле, никој не смее да биде омаловажуван поради практикување на уставното право на јавен собир.

Преку објавување на навредите и клеветите на СОС, вашиот медиум ги прекрши етичките вредности и професионалните стандарди на чесност, објективност и веродостојност при пренесувањето на информациите. Иако сте биле во можност, статијата сте ја објавиле без претходно да ја потврдите веродостојноста на објавените тврдења. Ваквата ваша постапка не е во согласност со професионалната новинарска етика и вршење на новинарската професија.

Оттука, во отсуство на потврда на изнесените наводи, вие сте биле должи и сте можеле да знаете дека тие се невистинити, но сепак сте ја објавиле статијата со невистинити факти што се штетни за угледот и честа на Хелсиншкиот комитет и неговите членови, со што е сторена навреда и клевета согласно членовите 6 и 8 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, го поднесуваме ова барање за објавување на демант, извинување и јавно повлекување на статијата во исто време и во ист обем на вашиот медиум во рок од 48 часа од денот на доставување на ова писмено барање“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска