Германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл, во интервјуто за телевизијата Алсат-М вели дека парламентарните избори треба да се одржат пред 2018 година, но претходно мора да се создадат услови тој процес да биде фер и демократски,
Хајндл, во интервјуто, кое целосно ќе биде емитувано утре во 22:30 во емисијата „360 степени“, потенцира дека поважно од датумот за изборите е постигнувањето консензус околу двете клучни прашања, избирачкиот список и медиумите. Тоа, според него, треба да биде направено во наредните неколку недели, пред летните одмори.
„Тоа е комплексна тема и се надевам дека партиите ќе дојдат до решение пред летните одмори. Ако партиите самите не постигнат решение тогаш би можеле да се повикате на совет и експертиза на меѓународни експерти“, вели Хајндл.
Во врска со инвестициите, Хајндл вели дека тие и странскиот капитал одат таму каде што партите се добро и безбедно инвестирани.
„Ова подразбира функционирање на правната држава, политичка стабилност и борба против корупцијата. Во ова спаѓа и позитивната перспектива за иднината. Ова се фактори кои Македонија треба да ги изнесе на виделина кога бара странски инвестиции. Ако сме реални и искрени, треба да дојдеме до заклучок и да признаеме дека Македонија поради кризата, во споредба со другите земји, е губитник на теренот. Тука се поврзува и нешто друго, а тоа е дали Европската комисија на есен ќе биде во можност да ја повтори препораката за почеток на преговорите за членство“, смета Хајндл.